Судијата кој „му пресуди“ на Арсенал доби отказ

Англискиот судија Ли Мејсон го „отсвири“ своето во Премиершип. Грешката која на крајот може да влијае на исходот на шампионската трка го реши и тој повеќе нема да биде делегиран за натпреварите од елитното ниво на англискиот фудбал.

Мејсон, всушност, беше ВАР судија на натпреварот помеѓу Арсенал и Брентфорд минатиот викенд, каде не ја провери ситуацијата со голот на гостите, на која му претходеше офсајд на Кристијан Норгард. Иван Тони погоди за 1:1, а тоа беше резултатот со кој заврши натпреварот.

Поради тој судиски превид Арсенал загуби два бода кои може да бидат решавачки во неизвесната трка за титулата во лигата. „Топчиите“ во моментов се изедначени на врвот со Манчестер Сити, иако сè уште имаат натпревар помалку пред нивните главни конкуренти за титулата.

„Би сакале да му се заблагодариме на Ли за неговата посветена услуга на професионалната игра и да му посакаме се најдобро во иднина“, студено ПГМОЛ, телото задолжено за судиите во англискиот професионален фудбал, ја заврши кариерата на Мејсон, кој судеше на 289 натпревари во Премиер лигата како главен судија.

Треба да знаете
Последни објави