Search

Сеизмолог откри кои три подрачја во Хрватска се најизложени на земјотреси: „Тука е можен и потрес од 7,5 степени“

Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала го потресе островот Крк во Хрватска во четвртокот по 10 часот. Се почувствува во Кварнер, но и во целата земја. Во текот на денот следуваа многубројни, но послаби потреси.

„Ова подрачје, каде што се случи земјотресот, е едно од трите најсеизмички активни области во Хрватска, а максималната проценета магнитуда за него е 6,5 степени според Рихтеровата скала“, изјави сеизмологот Преволник.

Тој објасни и кои се најактивните области во Хрватска.

„Во последните три години сведоци сме дека активноста се одвива токму на оние подрачја што според картата на сеизмичка опасност се издвоени како три најсеизмички активни: поширокото загрепско – каде што имавме силни земјотреси во Загреб и Петриња, потоа Кварнер и хрватското крајбрежје и областа каде што има најголема сеизмичка активност во јужна Далмација. Станува збор за подрачје каде што се очекува почесто да има посилни земјотреси и таму максималната магнитуда се проценува на 7,5 степени“, објасни сеизмологот.

Тој вели дека не може да се каже дека земјотресот во Турција го предизвикал овој земјотрес во Крк.

„Ние сеизмолозите секогаш велиме дека земјотресите, генерално, се поврзани бидејќи нивните причини се исти, а тоа се геодинамичките процеси во внатрешноста на земјата. Но, апсолутно не можеме да кажеме дека земјотресот во Турција го предизвика овој земјотрес. Тоа се преголеми растојанија и премали се амплитудите што ги предизвика турскиот земјотрес на нашите простори“, објасни Преволник во интервју во живо на ТВ „Дневник Нова“.

Oдговори и на прашањето за можноста од разорен земјотрес во близина на Истанбул.

„Што се однесува до Истанбул, прашањето не е дали таму ќе се случи силен земјотрес, туку кога. Се наоѓа на раседна зона, каде што во текот на минатиот век забележавме многу голема сеизмичка активност, која мигрира од исток кон запад, токму кон Истанбул“, рече тој.

Сеизмологот вели дека изградбата е клучна.

„Има еден клучен параметар, а тоа е токму картата на сеизмичка активност, која на градежниците им дава проектни параметри според кои треба да ги проектираат зградите. Ако нашите згради се проектирани според принципите на таа карта и се изведат на соодветен начин, навистина нема страв дека ќе се случи она што се случи во Турција“, рече тој.

„За да може нешто да биде сигурен предвидувач на земјотреси, мора да има некои научно засновани претпоставки и мора да функционира во огромното мнозинство на случаи. Во моментот сеизмологијата не може да предвиди земјотрес и прашање е дали некогаш ќе може. Треба да се обезбедат квалитетни основи врз основа на кои градежниците ќе може да осмислат дизајн и градба отпорна на земјотрес. Тогаш имате безбедни згради и во тој случај не ви е гајле кога ќе се случи земјотресот“, заклучи тој.

Треба да знаете
Последни објави