Search

Бочварски на увид во градежните работи на улиците во штипската населба Автокоманда

Почна асфалтирањето на трите улици во штипската населба Автокоманда. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски доцна попладнево беше на увид во градежните работи. Посочи дека со средства од 470 илјади евра, обезбедени од Министерството за транспорт и врски, почна асфалтирањето на улиците „Браќа Даневи“, „Петти конгрес“ и „Солидарност“. Toj образложи и зошто доцни целата постапка за завршување на овие три улици.

-Она што сакам да го истакнам е тоа за коешто имаме дописи и преписки со проектната единица од Министерството и надзорниот орган е дека првиот тајминг кој беше определен за асфалтирање на овие улици согласно со техничките процедури и временските услови беше 8 февруари,  кога се направи испитување на тампонскиот слој и кога сѐ уште се забележуваше мрзнење на тампонскиот слој и многу ниски температури за да се изврши асфлатирање, со што надзорниот орган не даде зелено светло за асфалтирање на овие улици. Оваа недела е првиот момент кога надзорниот орган дозволи да се влезе со асфалтирање на терен заедно со изведувачите да ги завршиме овие градежни работи, образложи Бочварски.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов во неколку наврати побара извинување од министерот Бочварски заради доцнењето на градежните работи, но Бочварски посочи дека треба да се извини Јорданов. Доцнењето е, вели тој, поради постапката која ја имала Општина Штип во делот на замената на подземната инсталација, што го оддолжило реализирањето на проектот за повеќе од четири месеца.

-На нас периодот ни беше отстапен крајот на есента и почетокот на зимскиот период да влеземе во реализација на овие локални патишта, кога и временските услови не се толку поволни како и во пролетниот период. Тоа се покажа оваа зима кога на минусни температури не може да се извршуваат асфалтерски работи и токму поради тоа, секако, извинувањето треба да го даде тој, нивната неажурност, неговата неажурност и одолговлекувањето на изработката на подземната инсталација на овие улици,  додаде Бочварски.

Тој порача дека ќе продолжи да комуницира со сите служби во Општина Штип и покрај тоа што Јорданов се обидува да создаде хаос во комуникацијата. Исто така, тој потенцираше и дека минситерството за транспорт и врски ќе  продолжи со поддршката преку проекти за сите општини, како и за Штип. 

Треба да знаете
Последни објави