Search

Бебе падна од петти кат за време на земјотресот и преживеа, но братот и сестрата не

Бирче Фанс, осуммесечно бебе падна од петти кат во станбена зграда кога серија разорни земјотреси ја погодија Турција. На големо изненадување на спасувачките екипи, бебето успеало да преживее и сега се лекува во болница.

Нејзините родители биле спасени од урнатините по повеќе од 30 часа, но нејзиниот постар брат и сестра немале толку среќа.

Бирче Фанс падна од петти кат на зграда со колевка за време на земјотресот во областа Антакија во Хатај.

Нејзината мајка и татко – Нилаи и Џенгиз, биле спасени од урнатините на зградата 13 и 33 часа по земјотресот, додека постариот брат и сестра на бебето – Алин и Нил не преживеале.

Бебето било забележано од луѓе како плаче и со возило на брза помош било пренесено во градската болница во Адана, јавува Анадолија.

Докторката Нурсах Кескин, која го лекува бебето во болница, пред  новинарите рече дека Бирче има многу среќа.

„Почнавме третмани за да го смениме интракранијалното крварење. Ногата и беше скршена… Многу полоши работи можеа да се случат од удар на земја. Господ ја чувал, тоа е чудо“, рече таа.

Мајката рече дека прво не знаела оти Бирче е жива, но подоцна и олеснало.

Повеќе од 40.000 луѓе во Турција и Сирија загинаа во земјотресите што ја погодија областа на 6 февруари.

Приказната за ова бебе е само една од многуте кои го потресоа светот последните денови. Највпечатлива меѓу нив е онаа за малото девојче од Сирија кое со голи раце го штитела својот брат во урнатините.

Видеото од двајцата под купот урнатини и бетон беше објавено од спасувачите непосредно пред да бидат извлечени. Подоцна биле префрлени во болница и било откриено дека останале сирачиња во земјотресот. Иако се на безбедно, лекарите открија дека ногата на девојчето, која беше повредена при извлекувањето од урнатините, најверојатно ќе биде ампутирана.

Покрај братот и сестрата, глетката на која сите се сеќаваа беше и таткото Месут Ханчер, кој ја држеше безживотната рака на својата ќерка Имрак.

Сега откри дека сам се обидувал да ја извлече од урнатините, но веќе било доцна. Покрај ќерката, Месут во серијата земјотреси загуби уште шест членови на семејството.

Треба да знаете
Последни објави