Холидеј и Адетокумбо го срушија Бостон, Вориорс поразени во Лос Анџелес

Како што се наближува Ол-стар викендот во НБА, така деновиве не се играат многу натпревари. Ноќта меѓу вторникот и средата се одиграа пет.

Се одиграа две дербија, на истокот Милвоки го победи Бостон. Интересен дуел се одигра и во Лос Анџелес, каде Клиперси ги совладаа Голден Стејт Вориорс и ги спуштија на 50 отсто успешност.

Милвоки го постигна 11-от последователен триумф, по што заостанува само една победа зад Бостон, кој има и меч повеќе.

Селтикси испуштија плус 14, бидејќи на крајот на третата четвртина им дозволија на Бакс серија од 21:3. На крајот се отиде во продолжение, во кое домашните победија со 131:125, пак по пресврт и серија од 13:2 во финишот.


Џру Холидеј е најзаслужен за победата на тимот од Висконсин, со 40 поени, пет скока и седум асистенции. Одличен беше и Јанис Адетокумбо на кој му недостасуваше асистенција за трипл-дабл. Тој забележа 36 поени, 13 скока и девет асистенции.

Кај Бостон најдобри беа Дерик Вајт со 27 поени и 12 асистенции и Малколм Брогдон кој запиша 26 поени и по 4 скока и асистенции.

Каваи Ленард ги предводеше Клиперси до победата над Вориорс со 33 поени, седум скока и четири асистенции, додека Џордан Пул беше подобар од останатите во поразениот тим со 28.

Кевин Дурент не играше за Феникс, но од трибините ги бодреше новите соиграчи и беше срдечно пречекан во салата во триумфот над Сакременто 120:109.

Најдобри кај Санс беа повратникот Девин Букер со 32 поени, Диандре Ајтон со 29 поени на кои додаде 11 скока и Крис Пол со 17 поени, 5 скока и 19 асистенции. Во поразениот тим се истакнаа Дијарон Фокс со 35 поени и Домантас Сабонис, кој забележа 24 поени, 15 скока и 7 асистенции.

Треба да знаете
Последни објави