Торта од Џафери за 100. роденден на првиот претседател на Собранието

Денес претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, беше домаќин на првиот претседавач на првото повеќепартиско Собрание, д-р Никола Стојаноски, кој како најстар избран пратеник ја имаше таа чест и одговорност на 8 јануари 1991 година.

На приемот, покрај претседателот Џафери, беа присутни и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, координаторот на СДСМ, Јован Митрески, координаторот на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски, претставникот на Движењето БЕСА, Бастри Бајрами, генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, замениците генерални и други претставници од службата на Собранието.

-Повод за денешниот прием беше заедничкото одбележување на неговиот 100-ти роденден, меѓутоа и одлична прилика да се слушне непосредно од д-р Стојаноски за чувството и искуството кое го доживеал на тој толку значаен историски ден од поставувањето на темелите на повеќепартиското Собрание и градењето на еден нов почеток за државата, нов за сите присутни на таа пленарна седница. Истовремено, горд што сепак успеал да ја исполни својата должност без забелешки.

Во искрениот и непосреден разговор со присутните, почитуваниот д-р Стојаноски, со сиот свој позитивизам и енергија, упати порака до присутните и до следните генерации дека постарата генерација се потпира на тоа дека младата генерација ќе стори подобро и поубаво од претходните генерации за да биде добро за сите, и за државата и за народот, информираа од прес-службата на Собранието.

Треба да знаете
Последни објави