Search

Шпанскиот режисер Карлос Саура ја доби почесната награда „Гоја“ ден по својата смрт

Шпанската филмска академија му укажа последна почест на покојниот шпански режисер Карлос Саура на доделувањето на наградите „Гоја“ во саботата.

Саура, имено, кој почина ден претходно, во петокот, на 91-годишна возраст, требаше да ја прими почесната награда „Гоја“ за животни достигнувања. Нему тоа признание му беше доделено постхумно, а одличјето го прими неговата вдовица Еулалија Рамон, која ги прочита зборовите што режисерот ги напишал пред неговата смрт: „Жал ми е што не можам да бидам со тебе“.

Саура, меѓу другото, е заслужен за востановувањето на шпанското уметничко кино по профашистичката диктатура на Франциско Франко во првата половина на 20. век.

Меѓународната почесна награда ѝ припадна на француската глумица Жулиет Бинош.

„Ѕверови“ (As Bestas) е напнат трилер којшто освои девет „Гоја“ награди годинава, меѓу кои и за најдобар филм, сценарио (Изабел Пења), режија (Родриго Сорогојен), главна и споредна машка улога (Денис Меноше, Луис Захера). Шпанската филмска ѕвезда Пенелопе Круз беше номинирана за најдобра споредна женска улога за „На маргините“ (En Los Margenes) – филм за проблемите со домувањето. Во оваа категорија победи Сузи Санчез за улогата во филмот „Приспивна“.

Најдобар европски филм е норвешкиот „Најлошата личност на светот“ (Verdens verste menneske).

Наградата „Гоја“ е најважната државна филмска награда во Шпанија, која се смета за еквивалент на американскиот „Оскар“. Се доделува од 1987, а категоријата за најдобар европски филм е воведена во 1992 година.  

Треба да знаете
Последни објави