Search

Таравари за обвинувањето на Николоски: Куќата ја купив во 2021, постапката е чиста

Навистина ми е жал што преку овие изјави, а и преку многу други нешта, ВМРО-ДПМНЕ се враќа во духот на „груевизмот“, препознатлива е таа реторика „сите се лоши и нечесни“, освен тие самите, коишто уживаат во луксуз на различни нивоа.

Вака лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари му одговара на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој денес во Собранието праша дали луксузна куќа во Тафталиџе, која, според Николоски, Таравари ја добил на поклон, е причина за влезот на Алијанса во Владата?

Според Таравари, се работи за, како што вели, прилично инфантилни обвинувања коишто, додава тој, лесно се прелеваат и во медиумите, без да се консултира другата страна. „Фокус“ веднаш побара коментар од Таравари во врска со ова сериозно обвинување изнесено во Законодавниот дом, при што тој го даде следниот одговор:

„Куќата е купена во 2021 година, постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор. Се надевам дека тие што обвинуваат еден ден и самите ќе дозволат да ѕирнете во нивното секојдневие. Па, и да направите споредба…“.

Претходно, Николоски во Собранието го оцени влезот на АА во владата како политичка проституција и политичка корупција. Притоа, тој праша дали се работи за уцена со цел влегување во Влада?

„Дали можеби природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел во Скопје, во населбата Тафталиџе која Арбен Таравари изминатиот период ја доби на поклон? Зошто велам на поклон? Затоа што во неговиот имотен лист пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат?

Треба да знаете
Последни објави