Search

Израелски спасувачи ја напуштаат Турција поради закани

Израелската невладина хуманитарна организација „United Hatzalah“ денеска соопшти дека ја прекинува спасувачката операција во Турција поради „сериозна закана“ за безбедноста на нејзиниот тим.

Организацијата наведе ека ја завршува својата мисија за да можат нејзините членови што поскоро да се вратат во Израел поради „сериозната закана за таа мисија во Турција“.

Во последните денови спасувачите на социјалните мрежи споделуваат видеа и фотографии од нивните операции во Кахраманмараш, епицентарот на земјотресот во Турција.

„За жал, добивме информации за конкретна и непосредна закана за израелската делегација и мораме да и дадеме приоритет на безбедноста на нашиот персонал“, соопшти невладината организација, но не ја прецизираше природата на заканата или изворот на информацијата.

Од израелската амбасада во Анкара за Франс прес изјавија дека спасувачките тимови на израелската армија ги продолжуваат операциите за спасување и лекување во Турција, каде што имаат теренски болници.

Маген Дејвид Адом, израелскиот еквивалент на Црвениот крст, исто така продолжува да работи во Турција, додаде амбасадата.

Соопштението на израелската невладина организација доаѓа откако австриската армија и едно германско здружение привремено донесоа слична одлука.

Бројот на загинати во разорните земјотреси што во понеделникот ги погодија Турција и Сирија се искачи на 33.179, според последните официјални податоци, објавени во неделата.

Во Турција загинале 29.605 лица, соопшти турската агенција за кризни состојби, додека во Сирија загинале 3.574 лица.

Треба да знаете
Последни објави