Search

Наместо еден по еден, вештаци во хор одговарале на прашања за „Ласкарци“, „Сите за правично судење“ реагираат јавно до судиите

Несоодветна примена на Законот за кривична постапка, констатираат од Коалиција „Сите за правично судење“ во предметот „Ласкарци“ за сообраќајната несреќа во која загинаа 16 лица. Тие посочуваат дека вештите лица кои го изработија супервештачењето се дополнувале меѓусебно за време на рочиштата кога биле испитувани од странките. Па така, наместо одговор да дава сведокот кој бил повикан на пултот, во хор се одговарало на прашањата. Судот имал оправдување за ваквиот начин на испитување, но според „Сите за правично судење“, тоа е спротивно на законот.

„Откако супервештачењето беше изготвено беа закажани рочишта за презентација на истото и за испитување на вештаците кои го изготвиле, но за жал повторно и на овие рочишта Коалицијата преку своите професионални судски набљудувачи детектираше несоодветна примена на одредбите од Законот за кривичната постапка, овој пат на одредбите кои го предвидуваат начинот на кој се врши испитување на вешто лице на рочиште за главна расправа пред судот2, како и постапувањето на судот со вешто лице или сведок кој не е испитан, Имено, на закажаните рочишта за главна расправа на ден 26.01.2023 година и 02.02.2023 година, испитувањето на вештите лица било спроведено на начин што Судот донел решение, еден член од тимот да стои во делот предвиден за давање исказ и да дава одговор на прашањата што ќе му бидат поставени, додека пак сите останати вешти лица да останат и бидат присутни во судницата и да дополнуваат претходно дадените одговори од страна на вештакот кој се испитува од странките. Освен дополнување на дадените одговори, во повеќе наврати било забележано наместо вештото лице кое се испитува, одговори на поставените прашања да бидат дадени од страна на останатите вешти лица од тимот, присутни во судницата. Ваквиот начин на испитување бил дозволен од страна на судечкиот совет со образложение дека предметното супервештачење било изготвено од страна на вкупно четири вешти лица, сите тие заедно како тим работеле на неговото изготвување, вештачењето е потпишано од секој индивидуално и сите вешти лица пред судот имаат дадено, односно положено заклетва, иако јавниот обвинител оправдано се спротивставил на ваквиот начин на испитување на вештите лица“, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Тие истакнуваат: „Без разлика на бројот на вешти лица кои се вклучени во изготвување на едно вештачење (во случајот супервештачење), ваквата практика на постапување од страна на судечкиот совет при испитувањето на вешто лице е спротивна на одредбите од Законот за кривичната постапка кои го регулираат овој дел, поради повеќе причини. Најнапред, согласно одредбите од ЗКП, конкретно членот 378 вештите лица можат да присуствуваат во текот на главната расправа и да го следат судењето односно да можат да ги чујат исказите на сведоците кои ќе бидат испитани, како и да се запознаат со другите докази кои ќе бидат изведени во текот на главната расправа. Оваа одредба во ниту еден случај не значи дека тие можат да даваат одговори на прашања кои што се поставуваат на други вештаци кои се предмет на испитување, или со други зборови, законот не предвидува можност за „тимско“ одговарање на прашањата што се поставуваат за конкретното вештачење. Дотолку повеќе што согласно членот 360 од ЗКП, претседателот на судечкиот совет е должен да ги предупреди присутните во судницата да не го нарушуваат текот на расправата, па дури „може да нареди од заседанието да се отстранат лицата кои како слушатели присуствуваат на главната расправа, доколку тие и по опомената го нарушуваат одржувањето на главната расправа““.
Од Коалицијата „Сите за правично судење“ посочуваат дека недозволиво е и спротивно на закон вештаците истовремено да одговараат на прашања.

„Понатаму, согласно членот 389 „судот може да нареди испитаните сведоци и вештаци да се отстранат од судницата и подоцна повторно да бидат повикани и повторно да се испитаат во присуство или отсуство на други сведоци или вештаци“, па така во конкретниот случај би било сосема оправдано доколку вештаците кои не биле испитани, се отстранат од судница, па дури откако би било утврдено евентуално несовпаѓање на нивните искази, да бидат повикани сите заедно во судницата со цел истите да се соочат и да се утврдат причините за неконзистентните искази на лицата кои го изготвиле вештачењето. Сепак, дури и во таков случај, соочувањето не би смеело да биде направено на начин што сите вештаци истовремено ќе одговараат на истото прашање. На ова се надоврзува членот 387, став 4 од ЗКП согласно кој „ако некоја од странките бара вештото лице да се испита на главната расправа, писмениот наод и мислење ќе бидат прифатени како доказен материјал само ако вештото лице кое го изработило вештиот наод и мислење дало свој исказ на главната расправа и била дадена можност да биде вкрстено испрашано“. Во конкретниот случај, освен вештото лице кое било повикано да даде исказ пред Судот, ниту еден друг член од тимот на вешти лица кој бил присутен во судницата не смеел да одговара на прашањата што биле поставувани додека не биде повикан да сведочи, бидејќи на овој начин de facto се заобиколува можноста странките директно и вкрстено да ги испитаат сите вешти лица кои го изготвиле вештачењето. Ова е особено битно доколку се има предвид дека вкрстеното испитување е веројатно најголемата можност за дискредитација на вештото лице, односно дискредитација на изготвеното вештачење во целина, нешто што не е возможно да биде направено доколку истовремено се испитуваат сите вешти лица. Поради ова, Судот требало да повика едно од вештите лица согласно предлозите на странките, па дури откако ќе биде констатирано дека испитувањето на тоа вешто лице е завршено, да биде повикан друг вештак од тимот за да биде испитан, и така натаму додека не биде испитан и последниот член од тимот на вешти лица кои го изготвиле супервештачењето во рамките на овој судски предмет“, додаваат од „Сите за правично судење“.

Коалицијата апелира судечкиот совет во оваа судска постапка, со должно внимание да го следи текот на главната расправа и испитувањето на вештите лица да го спроведе на начин што доследно ќе бидат испочитувани и соодветно толкувани релевантните одредби од Законот за кривичната постапка.

Од „Сите за правично судење“ претходно изразија загриженост и бидејќи во временски период од над 1 година, не беше одржано ниту едно рочиште за главна расправа, бидејќи се чекаше да биде изготвено супервештачење по наредба на Судот, додека Судот не ги примени законските одредби кои ги има на располагање за да се осигура дека вештачењето ќе биде изготвено во разумен рок.

Треба да знаете
Последни објави