Search

И Тунис пресилен за македонските ракометари

Македонската ракометна репрезентација вечерва загуби од Тунис со 28:33 во второто коло од Групата-2 во Президент купот на Светското првенство во Полска/Шведска.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров лошо го отворија резултатот со 0:5. Следуваше нешто подобра игра, во финишот се дојде на 14:15, за на одмор да се оди со резултат 14:16 за Тунис.

Во второто полувреме резултатот беше изедначен во неколку наврати, а некаде на средината  поведовме со 21:20. Оттогаш, Тунис повторно влезе во ритам и до крај не го испушти водството.

Филип Кузмановски и Дејан Манасков го завршија мечот со 8 постигнати голови, додека кај Тунис, незапирлив беше Мохамед Дармул со осум гола.

Во главната фаза, Норвешка со 30:17 го декласираше Катар за сигурен пласман во четврт-финалето, додека Хрватска правеше гол-разлика против Белгија, стигнувајќи до 34:26 победа.

Во последниот натпревар од групата, Македонија ќе се сретне со Мароко.

На другиот натпревар од 2. коло, Мароко го победи Алжир со 28:27.

Треба да знаете
Последни објави