Search

Македонската Асоцијација на кинематографери на Фестивалот БалКам во Љубљана

Македонската Асоцијација на кинематографери (МАК), на иницијатива на Словенечката, учествува на третото издание на Фестивалот БалКам (Балканска камера), што се одржува од 18 до 20 јануари во Кинотека на Словенија во Љубљана, а на кој се прикажуваат филмови од поранешните југословенски републики со акцент на кинематограферската работа и кинематограферите како автори.

Македонската Асоцијација на кинематографери оваа година ќе учествува со филмови кои се снимени во државава од македонски кинематографери и поддржани од Агенцијата за филм.

Проекциите на МАК стартуваа вчера со краткометражниот игран филм „Северен пол” од кинематограферот Владимир Самоиловски.

Денеска ќе бидат прикажани долгометражниот игран филм „Мими” на кинематограферот Дејан Димески и студентскиот краток игран филм „Прогестерор” на кинематограферот Димитар Атанасоски од ФДУ – Скопје, чија проекција е закажана за 15 часот.

Последниот филм со кој ќе се претстави Македонската Асоцијација на кинематографери е „Тетовирање”, на кинематограферот Мишо Самоловски, а ќе биде прикажан на 22. јануари (недела) со почеток во 15 часот, во рамки на програмата „Филмска Легенда”.

Македонската Асоцијација на кинематографери – МАК при Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), е најстарото релевантно струково здружение од областа на филмското производство и останатите аудио-визуелни медиуми. Нејзини цели се остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци кои делуваат на територијата на државава и во странство, како и обезбедување континуиран развој на филмската дејност, стимулирање и унапредување на филмската професија, промоција на филмската уметност и култура во нашата земја.

Треба да знаете
Последни објави