Search

Меџити: Денеска ја имаме ДУИ од една страна, и Артан Груби од друга страна

Младите на Скопје вечерва одржаа средба со функционери на Демократската унија за интеграција, потпретседателот Изет Меџити, организациониот секретар Блерим Беџети, секретарот за родова еднаквост, Саранда Имери, Башким Хасани, заменик министер за одбрана, членот на Централното претседателство и градоначалник на Чаир, Висар Ганиу.

Потпретседателот Меџити во оваа прилика рече дека ДУИ е наследство, ДУИ е заеднички напор на момчиња и девојки, мажи и жени, востаници и вистински демократи за изградба на отворена, модерна, западно ориентирана политичка организација, и без комплексите на инфериорност која Албанците беа навикнати да ја гледаат кај албанските политичари од раните 90-ти години.

„Здружувањето на силите на овие патриоти и ентузијасти, на чело со Али Ахмети, во 2002 година резултираше со создавање на ДУИ, политичката сила која веќе 20 години стана синоним за достоинството на Албанецот, за интегритетот на Албанецот, застапеноста на Албанецот, за почитување на Албанецот. За ова наследство зборуваме на овие средби. Затоа што ова наследство, ова богатство, оваа политичка традиција што ја изградивме овие 20 години, денес е ставена на тест. Овие вредности кои беа карактеристични за ДУИ денес се засенети од лични агенди и се станати пазар за интересите на политичките кариери на поединци кои не ја знаат основната идеја на нашата организација, не го познаваат карактерот на нашето семејство, не ја разбираат филозофијата на нашата партија, не ја поднесуваат мудроста на нашиот лидер“, рече Меџити.

Тој нагласи дека ДУИ не е поделена. „Значи денеска ја имаме оригиналната идеја на ДУИ од една страна, и Артан Груби од друга страна“, рече Меџити и додаде дека: „Затоа ДУИ денес е дојдена на ова дереџе. Затоа што Артан Груби, узурпаторот на нашата партија, навистина веруваше дека ќе успее да го елиминира нашето наследство, историја и политичка традиција и да се наметне себеси! Ги најде структурите формирани, го најде фанатичното членство, ги најде консолидираните тела и почна со нивен расцеп. За свои интереси во партијата ја суспендираше дебатата и ги наметнуваше интригите; ја суспендираше меритократија и ја наметна сервилноста; ја суспендираше почита и ја наметна измамата; Ова е вистинската опасност за ДУИ!“

Организацискиот секретар Блерим Беџети пред младите истакна дека „ние донесовме последователни победи на партијата и на Али Ахмети стоејќи блиску до структурите и граѓаните и слушајќи го нивниот глас„.

„Затоа бевме и сме лојални на ДУИ и на Али Ахмети. И ќе бидеме фокусирани за зајакнувањето на ДУИ, да ја ослободиме од узурпаторите и злонамерници“, рече Беџети.

„Почитувани млади, во 2002 година бев на ваша возраст. Оттогаш како млада личност имав јасна визија дека треба да се интегрираме во државните институции, а потоа во НАТО и ЕУ. Тука нема дилема. Ние се уште стоиме зад таа идеологија. Вие сте тие што ќе го наследат истото. Вие сте столбот и темелот на ДУИ. Без цврст темел и столбови кровот паѓа“, оцени организацискиот секретар на ДУИ, Саранда Имери.

Јетмир Асани, потпретседател на Форумот на млади на ДУИ потсети дека пораснал со духот на ДУИ и дека ДУИ го научила дека ветувањето дадено пред народот мора да се одржи. „ДУИ ме научи да бидам лојален на патот на честа. Без двоумење и верувавме на програмата на ДУИ за унапредување на младите и затоа гласавме јас и вие, но извршната власт не заборави“, рече Асани.

„Можеби претставниците на извршната власт ве заборавија, дури и не правеа место за ниту еден претставник од редовите на младинските форуми меѓу нив, но вие сте тука и ќе останете тука, да барате се што ви припаѓа, да кажете дека немате намера да бидете дел од автобуските карвани со млади луѓе кои се повеќе ја напуштаат државата за печалба, бидејќи вие сте дел од локалните автобуски карвани кои секојдневно одат на универзитетите за да се едуцираат и еманципираат“, рече Висар Ганиу, претседател на Чаир.

„Ако ние грешиме, како што нагласи потпретседателот Меџити во телевизиска изјава, и оваа младина овде може да згреши и ќе продолжиме да стоиме зад оваа младина и зад мнозинството членство на ДУИ, но не грешиме“, изјави заменик министерот за одбрана, Башким Хасани.

Инаку, вечерва се собраа стотици млади скопјани.

Треба да знаете
Последни објави