Search

Шведска и Шпанија со сигурни игри до нови победи

Европскиот првак Шведска и еден од фаворитите за медал Шпенија го задржаа максималниот ефект на 28-то Светско првенство, после вечерашните победи на стартот на главната фаза во кои „викинзите“ немаа преголеми проблеми со Унгарија (37-28), за разлика од „црвената фурија“ која се помачи со жилавите Полјаци за да триумфира (27-23).

Шпанија константно беше во водство, но Полска не се предаваше сѐ до завршницата, но немаа ко-домаќините сила за нешто повеќе од најблизу до два негатива во последните седум минути (22-24), откако последен пат беа во егал 16-16 на стартот на вториот дел. Шпанија откако во првиот дел имаше и плус четири, а на пауза замина само со гол предност, во второто полувреме со серија од 5-1 првпат исчекори кон победата, а Полска сѐ што стори беше да ја преполови таа предност, но не и да го однесе мечот во многу понеизвесна завршница.

Алекс Душебаев, Фернандес и Фигерас беа најефикасни со по четири гола кај Шпанците, додека Сицко даде седум, а Морито пет гола кај Полска.

Шпанија и Франција имаат максимални шест бода по првото коло во главната фаза, Словенија е на четири, Црна Гора на два, а Полска и Иран се без бодови.

Шведска без премногу проблеми ја збриша Унгарија (37-28) за да го продолжи максималниот ефект на Светското ракометно првенство и со првата победа во главната фаза сега остана лидер со максимални шест бода пред Исланд со 4, Португалија и Бразил со по 3, Унгарија остана на два, а Зеленортските острови без бод.

„Викинзите“ од почеток постојано имаа контрола на мечот, предност од три-четири гола, разлика која Унгарците се обидуваа да ја достигнат, но не само што не успеваа, туку во втората половина од вториот дел дополнително паднаа за Шведска да избега со серија 5-0 на огромни плус девет (32-23) и во финишот да дојде и до двоцифрена предност (37-27).

Ване со девет гола беше најефикасен, а Јохансон и Легергрин додадоа по шест гола во победата, додека Роста со седум беше најзабележителен кај Унгарија.

Треба да знаете
Последни објави