Search

ЕУ го осудува руското „воено злосторство” во Дњепар, Германија бара формирање на специјален суд

Смртоносниот руски напад врз станбена зграда во Дњепар, во Украина е „воено злосторство” чии сторители мора да бидат кривично гонети, соопшти денеска шведското претседателство со Европската унија.

На заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, шведскиот премиер Улф Кристерсон го осуди „страшниот напад”.

„Намерните напади врз цивили се воени злосторства и одговорните за нив мора да бидат кривично гонети онолку долго колку што е потребно”, рече тој, по нападот што се случи во саботата и за кој Кремљ ја отфрла одговорноста.

Шведска и Европската унија „најостро ги осудуваат систематските и повторени напади на Русија врз цивили, цивилен имот и критична инфраструктура во Украина (…), вклучително и ракетниот напад врз зграда во Дњепаро во саботата”, рече шведскиот премиер.

Во тој напад загинаа најмалку 40 луѓе, а се трага по уште 30, изјави градскиот функционер Генадиј Корбан. Тој додаде дека се повредени 75 лица, меѓу кои 14 деца.

Бројот на жртви може да биде поголем. Ова е еден од најголемите напади врз цивили од почетокот на конфликтот.

Шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок денеска побара да се формира специјален меѓународен суд кој ќе ги гони руските лидери за инвазијата врз Украина.

– Потребен е суд кој ќе го испита руското раководство и ќе го суди. Украинската Влада разбирливо е загрижена што Русија не може да се гони за агресија пред Меѓународниот кривичен суд, бидејќи судот може да се занимава само со случаи во кои обвинителот и обвинетиот се членови на судот, истакна Баербок во говорот на Академијата за меѓународно право во Хаг, каде што е седиштето на Меѓународниот кривичен суд (ИЦЦ).

Русија не е членка на ИЦЦ и како една од петте постојани членки на Советот за безбедност има можност за вето и најверојатно ќе го блокира секој обид за обраќање до решавање на ИЦЦ.

– Разговаравме за соработка со Украина и нашите партнери за идејата за формирање специјален суд за злосторства на агресија против Украина, посочи Баербок.

Таа додаде дека таквото тело може да ја заснова својата јурисдикција на украинскиот кривичен закон.

– Кон него може да се додадат меѓународни елементи на локација надвор од Украина, со финансиска поддршка од партнери и со меѓународни обвинители и судии, за да се гарантираат непристрасноста и законитоста, наведе Баербок.

Украина и Европска Унија претходно јавно ја поддржаа идејата за специјален суд.

Треба да знаете
Последни објави