Search

Штипскиот градоначалник ги посети браќата Наскови кои ќе полнат 103 и 100 години

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов на првиот ден од Новата година ги посети најстарите жители во селото Караорман. Браќатата Симо и Ристо Наскови, годинава ќе наполнат 103 и 100 години.

Новата година ја поминале во домашна атмосфера, заедно со нивните синови и внуци. Симо годинава полни 103 години. Неговиот син Круме Насков вели дека до пред една година активно се занимавал со земјоделство, кога паднал во градината.

-До 102 години активно работеше во бавчата и оваа година имаше негови производи, што ги имаше посадено. Сакал да посади некое семе во оранжериите, но паднал и залегна. Една година како лежи во кревет. Нозете не му се добри, инаку здравствено е добар, вели Насков.

Ристо Насков во февруари ќе наполни 100 години. На сите им посакува здравје и среќа.

-Да бидеме живи и здрави сите! Македонија да ни биде жива и здрава и да биде држава, а ние Македонци, вели Насков.

Неговиот син Димче вели дека здравјето добро го служи, досега нема посетено лекар и се уште работи во својата градина, произведува патлиџани, пипер и разни земјоделски производи.

-Работи во оранжерии, продава пиперки и патлиџани. Ракија си пие по една чашка, приквечер и сабајле. Телевизија гледа многу, следи вести, со мозокот е здрав, работи со телефон, се слуша со ќерките, знае сам да ѕвони, знае се, вели Димче Насков.

Двајцата браќа Наскови од Општина Штип добија пригодни подароци.

-Да сте живи и здрави, добро здравје да ве служи во 2023 година, па следната Нова Година пак да се видиме, им порача градоначалникот Јорданов на двајцата најстари жители во Штип.

Треба да знаете
Последни објави