Search

Халанд продолжи каде што застана, постигна 20 гола за кои му требаа само 14 меча

Фудбалерите на Манчестер Сити зпишаа нови рутински три бода во Премиер лигата и од гостувањето кај Лидс на „Еланд Роуд“ се враќаат со сигурна победа од 1-3 (0-1). Норвешкото чудо од дете, Ерлинг Браут Халанд со два гола испишa историја во Премиерлигата, откако дојде до 20 гола досега во англиската елита и за тоа му требаа само 14 меча.

Пеп Гвардиола се реши за комбиниран состав, без неколку стандардни првотимци, но повторно негови предводници беа Кевин Де Брујне и Ерлинг Халанд. Белгискиот ас брзо ги заборави катастрофалните настапи на Светското првенство во Катар и вечерва пак беше носител на играта на „граѓаните“, додека норвешкиот ас често пати беше во центарот на вниманието, му правеше многу проблеми на домашната одбрана и мечот го заврши со нови два гола.

Одличен натпревар одигра и младиот десен бек Рико Луис, кој во последниот период ужива во големата доверба на Гвардиола, додека уште еден лош настап имаше Џек Грилиш. Најскапиот англиски фудбалер во историјата на Премиер лигата во првиот дел имаше две неверојатни промашувања, но сепак, во вториот дел се искупи за грешките и запиша две асистенции за вториот и третиот гол на својот тим, кои ги постигна Халанд. На спротивна страна пак, Лидс се прикажа во бледо светло, речиси во текот на целиот натпревар се бранеше во несвојствен начин, многу ниско и со голем број играчи. А, кога почна да игра во свој стил, со висок пресинг и многу трчање, следуваше погодок на Паскал Струјк, но беше предоцна, бидејќи Сити имаше водство од 0-3.

Првиот дел на средбата на „Еланд Роуд“ мина во знакот на „граѓаните“. Халанд по само 40 секунди имаше голема шанса за отворање на резултатот, а веднаш двапати се посрамоти Грилиш, за на крај играчот од кого најмалку се очекуваа погодоци, Родри во 45. минута се најде на вистинското место и погоди за водство на Сити на полувреме (0-1).

Во второто полувреме Лидс повторно влезе во проблеми и по една катастрофална грешка на одбраната Грилиш додаде до Халанд, а овој ја погоди празната мрежа за 0-2. Норвешкиот ас во 64. минута повторно ги покажа своите голгетерски способности и пак на асистенција на Грилиш стави печат на победата и го постигна својот јубилеен 20-ти погодок оваа сезона во Премиер лигата. Конечните 1-3 ги постави холандскиот дефанзивец во 73. минута.

Треба да знаете
Последни објави