Search

Нијагарините водопади се трансформираа во зимска магија

Нијагарините водопади се трансформираа во зимска магија по неодамнешните температури под нулата што го зафатија регионот. Магичните сцени се доловени во серија фотографии кои го одземаат здивот, прикажувајќи делови од иконската туристичка дестинација на границата меѓу САД и Канада. Ледениот спектакл беше создаден викендов кога зимска бура го погоди Бафало, кој се наоѓа на околу 40 километри јужно од водопадите.

На туристичката страница на Нијагарините водопади наведуваат дека секоја секунда низ водопадите течат дури 3160 тони вода, додека целосно замрзнување не е можно. Американската страна на водопадот достигна точка на замрзнување само пет пати во историјата кога мразот го блокираше понатамошниот проток на вода по реката, поради што во 1964 година беа поставени челични носачи за да се спречи формирање на големи акумулации мраз.

Замрзнатиот изглед на водопадите е предизвикан од замрзнување на површинските води и претворање на маглата во мраз, со што се создаваат ледени креации во основата на водопадот.

Во особено студените зими, снегот и мразот што се собираат над реката формираат леден мост. До 1912 година, туристите и локалните жители ја преминувале реката преку ледениот мост за да добијат уникатен поглед на водопадите.

Треба да знаете
Последни објави