Search

Севиља му даде отказ на Иско

Франциско Роман Аларкон попознат како Иско го дочека Божиќ како слободен агент. Откако пред четири месеци дојде во Севиља по завршувањето на договорот со Реал Мадрид, со кого потпиша двегодишен договор, клубот од Андалузија реши да ја прекине соработката со поранешниот шпански репрезентативец.

Во соопштението на веб-страницата на клубот се вели: „Севиља и Иско Аларкон се согласија да го раскинат договорот потпишан од двете страни откако играчот од Малага се приклучи на клубот минатото лето по заминувањето од Реал Мадрид. Му посакуваме сета среќа на светот во неговите нови професионални предизвици“.

30-годишниот фудбалер позитивно ја започна својата кариера во Севиља и беше редовен во стартниот тим на менаџерот Хулен Лопетеги. Сепак, откако шпанскиот стратег замина да го тренерира Волвс во Премиер лигата, Иско одигра само два натпревари од 90 минути откако Хорхе Сампаоли го презеде клубот во октомври.

За Марка, Аргентинецот вака ја прокоментира ситуацијата поврзана со некогаш перспективниот играч за врска: „Иско е одлично момче и му посакувам се најдобро во продолжението на кариерата. Има голем капацитет за напредок, но едноставно не ги исполни очекувањата што ги имавме“, прокоментира тренерот на тимот кој во моментов е на 18-та позиција во зоната за испаѓање и најголемо разочарување во сезоната.

Од пристигнувањето во Севиља, Иско забележа 19 настапи во сите натпреварувања, забележа три асистенции и само еден гол.

Треба да знаете
Последни објави