Search

Почина фудбалерот кого Зидан го прогласи за најталентиран-го уништија алкохолот, жените и комарот

Поранешниот играч на Насионал, Каљари, Јувентус и Перуџа, Фабијан О’Нил почина на 49-годишна возраст.

Во неделата рано наутро, тој беше примен во болница поради внатрешно крварење, предизвикано од долгогодишно заболување на црниот дроб, со кое се бореше од 2016 година поради неуреден живот и конзумирање алкохол. Во текот на денот неговата состојба само се влошувала, а тој паднал во кома непосредно пред да почине.

О’Нил ја започна својата фудбалска кариера во уругвајскиот Насионал, од каде се пресели во Каљари во 1996 година. Во текот на четири години одигра повеќе од 120 натпревари за клубот од Сардинија, а по неуспешната епизода во Јувентус, не се снајде најдобро ниту во Перуџа.

Меѓу другото, ќе остане запаметен и по тоа што сите пари, 14 милиони долари, како што тврдеше, ги потрошил на „бавни коњи и брзи жени“.

-Кога потпишав за Јувентус, од идол на тимот се претворив во најлошиот играч, бидејќи околу мене имаше феномени како Зидан. Само поради него сега навивам за Реал. Јас сум сиромашен, но повторно сум среќен. Главната работа е што јас и семејството имаме што да јадеме. Најдов нови пријатели, тие вистинските, а не лажните кои беа покрај мене кога бев богат.Тоа е моја грешка. Жените се заљубија во мојата пијана верзија, а потоа се обидуваа да ме променат. Никој не можеше да ме промени. Дури ми понудија помош од психолог. Моите поранешни сопруги се исто така побогати од мене. Проблемите ми се таложија со години, а најмногу ги имав со алкохолот. По операцијата на мочниот меур, три години не смеев да допрам чаша, но издржав само еден месец. Престанав да се обложувам бидејќи немав повеќе пари, рече О’Нил пред неколку години.

По кариерата се вработил како келнер бидејќи останал без пари.

Додека играше за „Старата дама“, Зинедин Зидан во едно интервју го прогласи за најталентиран играч. По неговата фудбалска кариера раскажа како еднаш наместил натпревар додека играл со Каљари против Киево од Верона:

-На сите ни одговараше нерешено, а покрај тоа добивавме и награда од челниците на нашите клубови доколку успееме да останеме во лигата. Договорив реми со нивниот капитен, како и со моите соиграчи. Заработивме и пари во обложувалниците затоа што се обложивме на нерешено.. .’

О’Нил своевремено ги бранеше боите и на Уругвај, селекција за која настапи на 19 натпревари и постигна само два гола.

Треба да знаете
Последни објави