Search

Лазаров: Мислиме на македонската иднина, прав пример сме за сите!

Екипата на Алкалоид денеска на дело покажа дека целта да се гради ракометна иднина не се само зборови. Овој нов тим за само една година и нешто израсна во синоним за тоа како треба да се функционира доколку навистина сите се грижиме за овој спорт, за крајниот производ кој во иднина треба да донесе резултати и на национално ниво.

На претставување на реновираната сала „Автокоманда“ беше присутен и Кирил Лазаров. Селекторот на македонската ракометна репрезентација и тренер на првиот тим на Алкалоид изјави дека за добра база потребен е дом.

„По само година и пол по формирањето на ракометниот клуб Алкалоид од Скопје, чест и задоволство ми е што ја имаме оваа заедничка прилика да присуствуваме на реновираниот од корен ракометен дом Автокоманда и чест и привилегија е за клуб како нашиот да имаме свој дом. Мислам дека тоа е предуслов, основа и база за понатамошна добра и квалитетна иднина. Во изминатите години од спортски аспект сакам да кажам што се имаме сработено од спортски аспект, од што сум презадоволен. РК Алкалоид почна од Првата лига и за само една година влезе во најквалитетната лига – Суперлигата. Во меѓувреме формиравме уште еден ракометен клуб Мулти Есенс каде овозможивме на голем број македонски таленти да учествуваат во ист тренажен процес, со квалитетни услови, каде овозможуваме на таленти од Македонија квалитетно да се развиваат и да ја надополниме базата со квалитетни ракометари“, изјави Лазаров.

Лазаров очекува Алкалоид да биде пример не само за клубовите во Македонија, туку и надвор од границите.

„Имаме и младински категории, кои се при или на врвот на табелата во македонската лига, од 2003 до 2008 годиште. Во план сме да формираме и други помали селекции, 2010 и 2012 годиште, со што покажуваме дека мислиме на македонската ракометна иднина. Чест и привилегија ми е што сум дел од овој проект и што имам можност да работам како прв ракометен тренер во РК Алкалоид од Скопје, Македонија.

Мислам дека сме прав пример не само за клубовите во Македонија, туку во регионот и тоа не само во овој спорт, туку и во сите останати. Како што минува времето, треба да бидеме уште поквалитетни“.

Треба да знаете
Последни објави