Search

Меси и Аргентина пресилни за Хрватска

Фудбалската репрезентација на Аргентина ќе се бори за трофејот на Светското првенство, откако во полуфиналето беше сигурна против Хрватска со 3-0 (2-0). Средбата на „Лусаил“ не понуди ново изненадување и подвиг на „коцкестите“, кои не успеаја да дојдат до уште едно финале на втор Мундијал во низа. Лео Меси и Хулијан Алварез диригираа во победата на „гаучосите“, водејќи ја својата селекција во битка за светскиот трон.

Селекторите Скалони и Далиќ се решија за очекуван стартен состав. Аргентинците беа без суспендираниите Акуња и Монтиел, како и повредениот Папу Гомез, со Меси и Алварез во навалната линија. На спротивната страна херојот Петковиќ пак остана на клупата, на сметка на Крамариќ и Пашалиќ. Средбата тргна со хрватска добра игра, бидејќи Аргентина беше повлечена и бледа, ама „коцкестите“ само кружеа околу противничкиот гол. Први се закануваа Енцо Фернандез и Иван Перишиќ, пред да дојдат првите вистински возбудувања по половина час игра.

Едно невнимание доведе до топка низ одбраната до Хулијан Алварез, кој се судри со Доминик Лииваковиќ и можеби престрого доби пенал. Сигурен од 11 метри беше Лионел Меси, стрелајќи за 1-0 во 34. минута. Хрватите како да беа во шок, нападнаа за да изведат корнер, па нова брза транзиција доведе до удвојување на предноста. Алварез пак потегна брзо кон шеснаесетникот, ривалите не успеаја да расчистат, па тој по една мешаница погоди за 2-0 веќе во 39. минута. До крајот на полувремето Хрватска успеа да го одбие целосниот налет, Аргентинците имаа уште една голема шанса преку Мeк Алистер, ама Ливаковиќ одбрани.

Веднаш на стартот на полувремето Далиќ ги повлече Соса и Пашалиќ, а влегоа Оршиќ и Влашиќ, додека бргу на местото на Брозовиќ истрча на теренот херојот од четвртфиналето Бруно Петковиќ. „Коцкестите“ ја презедоа контролата врз играта, беа повеќе на противничкото поле, меѓутоа само кружеа околу шеснаесетникот на Аргентина. „Гаучосите“ се закануваа преку контра напади, така добра можност имаше Лионел Меси која ја спречи Ливаковиќ.

Сепак, во вториот обид Аргентинците не погрешија. Меси проби по десната страна, влезе во шеснаесетникот и му асистира на Хулијан Алварез кој даде гол за 3-0 во 69. минута. До крајот на средбата Хрватите имаа обиди преку Перишиќ, Оршиќ, Ловрен и Мајер од далечина, ама Емилијано Мартинез немаше работа меѓу стативите на Аргентина.

Фаворитот успеа да ја одбрани високата позитива, со што се пласираше во финалето на Мундијалот и Лео Меси ќе оди по историски трофеј на светската смотра. Ривал во финалето на Аргентинците ќе им биде подобриот од утрешната пресметка на Мароко и Франција.

Треба да знаете
Последни објави