Search

Арсенал го победи Милан и го освои Дубаи Купот

Фудбалерите на Арсенал го освоија пријателскиот Дубаи Куп, откако ја запишаа втората победа. „Топџиите“ славеа во тестот против италијанскиот првак Милан со 2-1, со што обезбедија доволно бодови за да бидат победници на турнирот. Во Дубаи и покрај исходот на мечот, тимовите шутираат пенали, а тие носат дополнителен бод.

Двајцата тренери Микел Артета и Стефано Пиоли користеа играчи кои не беа дел од Мундијалот во Катар и одбраа изменети состави. Иако „росонерите“ имаа повеќе првотимци, не ги реализираа своите шанси, па го загубија натпреварот.

Средбата се играше на стадионот „Ал Мактум“, Милан добро отвори и беше поопасен пред голот на ривалот, меѓутоа Дивок Ориги не ги реализира најдобрите шанси. Резултатот го отвори Мартин Одегард, со погодок директно од слободен удар, а пред паузата стрелаше и Нелсон. Во второто полувреме Милан успеа да намали, откако Тонали му асистира на Фикајо Томори, па Англичанецот ги постави конечните 2-1. Потоа во пеналите подобро се снајдоа „топџиите“, па со 4-3 дојдоа до дополнителен бод.

Во Дубаи, Арсенал претходно играше и со Лион и запиша исто така триумф. Од друга страна, Милан го очекува пресметка против Ливерпул за три дена. Англиските екипи први ќе се вратат на обврските во првенствата, бидејќи ќе тргнат на „Боксинг деј“ по католичкиот Божиќ. Милан пак, кам-бекот во Серија А го има во новата година на четврти јануари.

Треба да знаете
Последни објави