Search

Германија ја повика Србија да направи избор меѓу ЕУ и Русија

Германија ја повика Србија да направи конечен избор меѓу Европската унија (ЕУ) и Русија. Берлин е „изненаден и разочаран“ од фактот што Србија ја продолжува економската соработка со Русија.

Германските власти го повикаа српскиот претседател Александар Вучиќ да направи конечен избор, објави весникот Die Welt, повикувајќи се на свои извори.

„Потребата (Србија) да донесе одлука станува сè поакутна со оглед на геополитичките настани“, рече извор од германската влада.

Берлин е подготвен да му помогне на Вучиќ доколку тој го продолжи својот курс кон евроинтеграциите, но ако направи поинаков избор, Србија „треба да ги очекува соодветните последици“.

И српскиот претседател претходно кажа дека ќе биде тешко ако не воведат санкции против Русија. Србија е една од ретките земји која не се приклучи на санкциите. Имаше закани дека може да ги вратат визите за српските граѓани, но и да ги замрзнат преговорите со ЕУ.

Србија е кандидат за членство во ЕУ од 2012 година, но нејзините перспективи се сметаат за мрачни без нормализација на односите со Косово. Белград не ја прифаќа независноста што во 2008 година ја прогласија мнозинството Албанци на Косово.

Тензиите се засилени со војната во Украина, при што многу Срби сочувствуваат со традиционалниот сојузник Русија. Белград во ОН ја осуди инвазијата на Украина, но одби да се приклучи на европските санкции против Москва.

Самитот во Берлин во четврток, чиј домаќин е германскиот канцелар Олаф Шолц, ќе ги собере шефовите на владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, како и лидерите на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави