Со изложба и докуметарен филм почнуваат активностите за јубилејниот Охридски пливачки маратон

Осуммината пливачи, учесници на 60. јубилејно издание на Охридскиот пливачки маратон ќе бидат претставени вечер на плоштадот кај Долна порта. Во рамките на активносите за промоција на маратонот, што ќе се одржи в сабота на патеката „Климе Савин” од Свети Наум до Градското пристаниште, вечер ќе биде отворена и изложба со фотографии од првиот Охридкси пливачки маратон, а ќе се прикаже и проекција од документарен филм „Охридски пливачки легенди”.

На изложбата, што ја организира Охридскиот Архив во соработка со Општина Охрид, а на иницијатива на градоначалникот Кирил Пецаков, како што информираше директорот на Архивот Никола Митровиќ, ќе бидат прикажани над 50 фотографии од првиот Охридски пливачки маратон, од фондовите на Коста Андоноски.

– На седум паноа ќе бидат изложени по околу осум фотографии на кои се претставени учесниците на првиот пливачки маратон во Охрид. Прикажан е начинот како се подготвувале пливачите пред трката, начинот на пливање, добивање храна при пливањето, пристигнувањето на пливачите на целта и од церемонијата за прогласување на победникот, појасни Митровиќ.

Фотографиите, нагласи тој, прв пат ќе се појават во јавноста.

Изложбата и проекцијата на филмот, ќе бидат прикажани и утре во центарот за култура „Григор Прличев”.

Традиционалниот пливачки маратон ќе се одржи в сабота, со почеток во 10 часот на патеката „Климе Савин” од Свети Наум до Охридското пристаниште, а ќе учествуваат осум пливачи од пет земји во машка и женска конкуренција.

Покрај пливачкиот маратон предвидена е и работилница со учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј” и УНДП на тема „Заедничките перспективи, младите за Охридското Езеро”.

Годинашната манифестација ќе се одржи во организација на Општина Охрид и пливачките клубови во градот, а фондот за наградите во износ од 10.000 евра ќе ги доира Агенцијата за млади и спорт.

Треба да знаете
Последни објави