Еурофарм Пелистер од Задар се враќа како третопласиран во СЕХА-завршницата

Еурофарм Пелистер на својот дебитантски настап на завршницата од регионалната ракометна СЕХА лига го освои третото место, откако во Задар го совладаа Нексе со 27:23 (12:13). Голманот Лесјак беше фантастичен на голот на „пелистерци“, трасирајќи го патот кон триумфот над незгодниот хрватски состав.

Почетокот на натпреварот мина во знакот на Нексе, откако хрватските ракометари рано поведоа со 2:0, одржувајќи ја предноста од „плус два“ во почетните 17 минути. Во вистински момент за Еурофарм Пелистер се разбрани Лесјак, кој само во првото полувреме имаше три одбранети седмерци на противничките ракометари. „Пелистерци“ ја искористија добрата форма на својот голман за да го свртат резултатот во своја полза, па со седмерецот на Хосни во 22. минута македонскиот вицепрвак дојде и до првото водство на мечот (7:8). Битолчани потоа во неколку наврати имаа и два гола предност но падот на концентрацијата во завршницата од полувремето придонесе Еурофарм да ја загуби оваа позитива, па на одмор да замине со еден гол заостанување по погодокот што со звукот на сирената го постигна Велкаврх.

Македонскиот претставник на овој фајналфор одлично го почна второто полувреме, па со головите на Пешевски и на Танкоски „пелистерци“ успеаја да поведат и со три гола предност, направија и четири и пет гола кои ги сочуваа до крајот за триумф.

Хосни со шест гола беше најефикасен кај Еурофарм Пелистер, еден помалку постигна капитенот Радовиќ, додека Пешевски го заврши мечот со четири погодоци, а Лесјак имаше 12 успешни интервенции.

Треба да знаете
Последни објави