Барселона ја прегази Севиља

Екипата на Барселона полесно од очекуваното дојде до цел плен на гостувањето на „Рамон Санчез Писхуан“ кај Севиља, откако слави со 0-3 (0-2) во мечот од четвртото коло на Примера. Теренот кој обично е тешка тврдина за освојување, денес беше со леснотија замолкнат од каталонскиот тим.

На самиот старт Севиља имаше голема шанса преку Иван Ракитиќ, меѓутоа искусниот Хрват од непосредна близина имаше лош удар по голот на Барса. На спротивната страна Роберт Левандовски го опомена домаќинот, а неговиот шут беше блокиран. Гостите стигнаа до предност во 21. минута преку новајлијата Рафиња. Бразилецот го запиша својот прв официјален гол за Барселона, откако со глава погоди по одбиена топка која дојде до него.

Пред полувремето Барса успеа да дојде и до втор погодок. Кунде нафрли, а топката ја дочека Левандовски кој со одличен удар удвои на 0-2 во 36. минута. До паузата и Дембеле можеше да се запише меѓу стрелците, но неговиот удар заврши крај голот на домашната екипа.

Во вториот дел, на гостите им беа потребни само пет минути да го решат натпреварот. Кунде изненадувачки вторпат се запиша меѓу асистентите, откако со глава спушти топка до Ерик Гарсија, а Шпанецот ја смести во мрежата за 0-3. По трите гола темпото на игра опадна, Барселона имаше уште две шанси до крајот на мечот преку Левандовски, а Севиља не успеа да се наметне и го загуби мечот.

Барселона остана на чекор зад Реал Мадрид, па два бода помалку од лидерот е второпласирана. Севиља ја продолжи катастрофалната серија, го запиша третиот пораз по четири меча и е при дното на табелата со еден бод.

– Чувствата се позитивни. Но, немаме доволно одмор и ни треба. Првите 15 минути тргнавме малку лошо. Потоа, ја видовме величествената Барса. Од 20. минута доминиравме. Ми се допаѓа позиционата игра, но играа и нашите противници. Го префрливме тежиштето на играта на противничката половина од теренот. Беше многу добра наша тимска игра, имавме шанси да постигнеме повеќе голови. Треба да го искористиме максимумот. Победата овде е добар знак. Ние сме во добра позиција. Се подобривме, но ова е трка на долги патеки. Рано е да се зборува за некои работи. Мора да бидеме воздржани, изјави тренерот на Барса, Чави.

Треба да знаете
Последни објави