Фото: Слободан Ѓуриќ
Првакот на Хрватска, ППД Загреб е првиот финалист на единаесеттиот „фајнал-фор“ на СЕХА лигата. Пред мал број на гледачи во салата „Крешимир Ќосиќ“ во Задар, „плинарите“ го совладаа најголемиот домашен ривал, Нексе Нашице, со 32-26 (16-11) и го очекуваат ривалот во неделното финале.
По изедначениот старт и ефектните голови, „плинарите“ први се одлепија на средина од првиот дел. Славиќ одбрани две топки во серија и Муса и крилата Чупиќ и Дибиров донесоа осетливи 6-10 во 17. минута. Тамше забележа дека нападот му „заглави“ и повика минута одмор.
Ракометарите од Нашице излегоа од ритам и во 23. минута предноста порасна до највисоко шест гола (7-13). Со расположенито Дибиров во главна улога ППД Загреб го заврши првиот дел со водство од 11-16.
Отпорот на „громовите“ од Славонија беше дефинитивно скршен на почетокот од вториот дел, кога Кларица и Дибиров зголемија на 15-23 во 38. минута. Најпозитивниот момент за „зелените“ беше централната фаза од вториот дел кога Јелениќ и Мелиќ намалија на -4.
Сепак, Звонимир Срна постигна два гола и ги реши дилемите. ППД Загреб на крајот извојува победа од 32-26.
Најефикасни во тимот на ППД Загреб беа Чупиќ со седум и Дибиров и со шест гола, додека кај Нексе Нашице се истакнаа Јелениќ и Мославец со по четири погодоци. Противникот на избраниците на Ивица Обрван ќе биде победникот од дуелот Еурофарм Пелистер – Веспрем.