Search

Мадс Микелсен: Сценариото е Библија и строго се држам до нeго

Славниот дански актер Мадс Микелсен изјави дека никогаш не е доцна да се започне актерска кариера, а на оние кои ќе се одлучат на тој чекор им откри дека едно од неговите правила е строго да се држи до сценариото. Микелсен е еден од гостите на 28. издание на Сараевскиот филмски фестивал, каде му беше врачена наградата „Почесно срце на Сараево“ за неговиот исклучителен придонес во филмската уметност.

По тој повод, беше прикажан филмот „Лов“ (The Hunt) во режија на Томс Винтерберг, во кој данскиот актер ја игра главната улога – воспитувач во градинка неправедно обвинет за злоставување деца.

Оваа психолошка драма беше снимена во 2012 година, а Микелсе вагласи дека тоа е веројатно најдоброто сценарио со кое се сретнал во неговата кариера досега.

„Беше лесно да му кажам ‘да’ на Винтерберг“, рече Микелсен во текот на разговорот со новинарите и дел од публиката по проекцијата на „Лов“, на која присуствуваа околу 3.000 луѓе.

Микелсен веќе има импресивна кариера со повеќе од 50 филмови и телевизиски серии, од кои многу беа огромни комерцијални успеси.

56-годишниот актер во понеделникот во Сараево потсети дека кариерата ја започнал на 30 години, и тоа е причина да им порача на младите актери дека и тие треба да сметаат на таква можност.

„Никогаш не е доцна“, рече тој.

Негово прво правило е да посвети многу внимание на сценариото бидејќи, според него, актерот на некој начин е „слуга на приказната“.

„Сценариото е Библија и јас строго се држам до него“, рече Микелсен, додавајќи дека задача на актерот е да прави она што ќе му каже режисерот.

 

Треба да знаете
Последни објави