Search

Патријархот Порфирије: Основниот договор беше неопходен и за државата Црна Гора и за СПЦ

Српскиот патријарх Порфирије денеска изјави дека Основниот договор е нешто што им е потребно на државата Црна Гора и на Српската православна црква (СПЦ) во Црна Гора.

Порфирије, по потпишувањето на Основниот договор во Подгорица, рече дека се подразбира оти СПЦ во која било земја каде што се наоѓа и има црковна јурисдикција го почитува уставот на секоја земја и законите на секоја земја, пренесуваат медиумите во регионот.

„Затоа, мислам дека е многу важно што вие, почитувајќи го Уставот и законите на државата Црна Гора, а ние, почитувајќи ги Уставот и законите на Црна Гора, не сакавме ништо повеќе од кој било граѓанин на Црна Гора во однос на темата религија, ниту, пак, имавме амбиции да постигнеме нешто повеќе од која било друга верска заедница. Но, се разбира, логично и нормално е што не бевме среќни да прифатиме ништо помалку од тоа“, истакна патријархот Порфирије.

Тој додаде дека СПЦ, доколку има проблеми кога станува збор за другите верски заедници, секогаш рамо до рамо се бори за правата на таа верска заедница да бидат почитувани во иста мера како и правата што ги очекува за себе.

Патријархот Порфирије изрази благодарност до премиерот Дритан Абазовиќ за сите напори што ги направи заедно со неговите соработници за потпишување на Основниот договор меѓу Државата Црна Гора и Српската православна црква.

Порфирије ги поздрави сите граѓани на Црна Гора, нагласувајќи „имаме толку многу заедничко низ вековите што навистина е луксуз да се троши време на она што нè разликува и да се истакнуваат и зголемуваат нашите разлики“.

„Ви благодарам што имате, пред сè, човечки чувства за тоа што сме насочени еден кон друг, дека си требаме, благодарен сум и на оние кои од 2012 година додадоа камче на мозаикот, на патот што нè доведе до овој момент. Им благодарам и на оние кои не се согласија да стигнат до овој момент, а тие на свој начин, можеби несвесно, придонесоа да сфатиме колку е важно да се разбереме, уште подобро да разбереме колку е важно да се бориме еден за друг, колку ни е потребен еден на друг и колку кога сме заедно можеме да направиме огромни чекори за кратко време“, рече патријархот.

Треба да знаете
Последни објави