Search

Шкупи посакува чудо против Динамо Загреб

Македонскиот првак Шкупи вечерва (21 часот) на арената „Тодор Проески“ го игра реванш натпреварот против хрватскиот шампион Динамо Загреб, во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите. Ремито (2:2) на „Максимир“ дава надеж дека Шкупи може да направи сензација, но тренерот Гоце Седлоски секако напомена и дека тоа не смее да ги опушти неговите фудбалери, да мислат дека лесно ќе поминат против Динамо во Скопје.

Ќе биде тоа натпревар за паметење, можност за фудбалерите на Шкупи да го направат најголемиот успех во клупската историја. На таков начин би го повториле и најголемиот успех на еден македонски клуб во европски рамки, што досега го остварил само Вардар, пласман во групната фаза во Лигата на Европа. Самиот пласман во третото коло од ЛШ носи таква можност, дури и ако се испадне во оваа фаза од најелитното европско натпреварување.

„Знаеме против каков ривал играме, Динамо Загреб е балкански гигант, и тие 2:2 од „Максимир“ не смеат да не залажат дека сега ќе биде полесно, иако ќе играме во Скопје и ќе имаме поддршка од публиката. Во едно сум сигурен, дека сите фудбалери ќе го дадат максимумот, а за да направиме сензација мислам дека е потребно и повеќе од тоа. Треба да одиграме за уште 40% подобро од првиот меч во Загреб“, порачува тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски.

Динамо Загреб најави дека дојде да победи во Скопје, да потврди дека е поквалитетен тим и да се пласира во следната рунда. Во тимот на Анмте Чачиќ ќе бидат и двајцата македонски репрезентативци, Аријан Адеми со клучна улога во средниот ред и Стефан Ристовски, кој овојпат ќе игра како стопер.

Натпреварот меѓу Шкупи и Динамо Загреб е закажан за 21 часот, на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави