Search

Австриски диригент колабирал на концерт па починал

Австрискиот диригент Стефан Солтес почина во петокот навечер откако колабирал за време на оперска изведба во Минхен, објави во саботата операта на германскиот град.

„Со запрепастување и длабока тага Баварската државна опера ја објавува и ја потврдува веста за смртта на Стефан Солтес“. Солтес почина во петокот вечерта „откако колабрира на сцената за време на изведбата на „Тивката жена“ на Ричард Штраус додека диригираше со оркестарот во Националниот театар во Минхен“, се вели во соопштението на Баварската државна опера.

Засега нема детали за причината за неговата смрт.

Главниот директор на баварската опера Серж Дорни на Твитер напиша дека е „длабоко тажен“ поради смртта на диригентот (73).

„Изгубивме талентиран диригент, а јас губам добар пријател. Моите мисли се со неговата сопруга Михаела“, напиша тој.

Во текот на својата долга кариера, австрискиот маестро со унгарско потекло диригирал со оркестрите на оперските куќи во Виена, Грац, Хамбург и Берлин.

Од 1988 до 1993 година, тој беше музички директор на театарот Бранзвик во централна Германија и диригент на фламанската опера во Антверпен и Гент од 1992 до 1997 година.

Треба да знаете
Последни објави