Студен туш од Брисел: Вчера за ЕК беше македонски, денеска е “јазикот кој го зборуваат луѓето во РС Македонија”

Дописничката на МИА од Брисел, Тања Милевска, на Твитер објави видео од денешниот прес-брифинг на Европската комисија (ЕК) на кој ја прашува заменичката портпаролка на ЕК, Дана Спинант дали вчерашната изјава за почитување на македонскиот јазик од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен во македонското Собрание значи дека ЕУ го признава
македонскиот јазик.

За потсетување Фон дер Лајен обраќајки се пред македонските пратеници во Собранието рече дека „не постои сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и затоа, во ревидираниот предлог јасно стои македоснки јазик без квалификации од ЕУ.

Спинант одговори дека Фон дер Лајен всушност мислела на јазикот кој го зборуваат граѓаните во Северна Македонија.

На директно прашање дали тоа значи дека ЕУ го признава македонскиот јазик, Спинант вели дека нема да навлегува во толкување на изјавата на Фон дер Лајен.

Притоа таа уште еднаш ја повтори фразата „јазикот кој го зборуваат луѓето во Република Северна Македонија”.

Oбраќањето на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера пред македонските пратеници во Собранието во кое изрази почит кон македонскиот јазик и македонскиот идентитет, предизвика реакции кај дел од политичарите во Бугарија кои бараат дообјаснување од бугарскиот државен врв дали европскиот предлог за преговри за кој се разговара во Македонија е истиот за кој се согласила и Бугарија во Брисел.

Бугарскиот европратеник Александар Јорданов Александров им се обрати на претседателот Румен Радев и на премиерот во оставка Кирил Петков прашувајќи ги зошто во бугарскиот парламент не се ревидира изменетиот „француски предлог“, кој бил ревидиран специјално за македонската страна. Александров на Фејсбук напиша дека говорот на Фон дер Лајен покренува голем број прашања и предупреди дека „проблемот е крајно сериозен“.

Тој потенцира дека комесарката постојано потенцирала колку е важно Македонија да го прифати ревидираниот француски предлог, па упати прашање до бугарскиот народ, претседателот и премиерот, како и до бугарското МНР кој, кога и каде го ревидирал документот.

– Дали е ист текстот на овој предлог кој беше изгласан во бугарското Собрание и на оној што треба да се гласа во македонскиот парламент? А ако зборуваме за различни текстотви, тогаш зарем не треба во бугарскиот парламент да се прифати изменетиот предлог? Проблемот е крајно сериозен. Потценувањето ризикува во блиска иднина ние, Бугарите, да ѝ објасниме на Европа какви луѓе сме, дали имаме свој јазик, историја, култура и национален идентитет – потенцира бугарскиот европратеник.

Тој додава и дека по говорот на Фон дер Лајен неговата резерва за нејзините постапки и ставови е претворена во отворено незадоволство.

Со слична реакција вчера се јави и партијата ВМРО-БНД на бугарскиот националист Красимир Каракачанов.

– Зошто молчите Борисов, Петков, Василев, Карадаи, Бојкиќев-Иванов? Ја продадовте Бугарија! Скандалозно е! Овој чин, реално гледано, сам по себе е уште една евроатланска перверзија на бриселските арамии. Тие не го сакаат вашиот идентитет. Со оваа акција бриселските бирократи го предодредиле текот на идните преговори за членство на Македонија во ЕУ со симнување од рамката на два исклучително важни услови, а тоа се – да се признае нашата заедничка историја до 1944 година и да не се легализира еден јазик измислен од коминтерните сатрапи, кој всушност е дијалект на бугарскиот. Според Борисов, Петков, Василев, Карадаи, Бојкиќев-Иванов и компанија на национални предавници, францускиот предлог го гарантирал токму тоа, како и заштитата на правата на македонските Бугари? – прашуваат од ВМРО на Каракачанов.

Од партијата прашуваат зарем „батковците“ од Европа не би биле гарант за заштита на бугарскиот национален интерес и каде е државниот врв да реагира во Брисел на едностраното менување на Одлуката на бугарскиот парламент. „Зошто се бара интерес само на една земја, а таа земја самата не сака да биде дел од ЕУ, што се гледа и од реакцијата на тамошните луѓе кои јасно им порачуваат на политичарите дека не се за оваа ЕУ“, стои во реакцијата на ВМРО.

Треба да знаете
Последни објави