Search

Волонтери од Скопје на Халкидик ќе го бараат исчезнатиот Мартин со дронови и двогледи

Скопјанецот Мартин Јовановски (31) исчезна пред седум дена кога заедно со двајца свои пријатели беше однесени од морските струи на плажата во Посиди на Халкидик. Едното момче беше пронајдено истиот ден, а другиот, Иван, успеал да преживее на отворено море благодарение на волјата и малата топка со чија помош се држел на површината додека не го пронајдат.

Мартин го нема веќе седум дена, а иако е долг период, сè уште постои надеж дека ќе биде пронајден жив и здрав.

Ова се зборовите во објавата на Ана Николиќ, администраторката на страницата „Во живо од Грција“, каде што се наведува дека луѓето од Македонија ќе ја продолжат потрагата по младиот човек на доброволна основа со помош на дронови и двогледи.

„На некои грчки вести беше објавено дека, за жал, потрагата на Халкидик по 28-годишниот исчезнат во Посиди денеска е прекината, но еве едно појаснување. Потрагата е завршена од пристанишните власти и сега е преземена од полицијата. Сите бродови што пловат на поширокото подрачје се известени дека треба да пријават доколку забележат нешто и тоа е таканаречената втора фаза од потрагата. Од друга страна, волонтери од Северна Македонија се организираат и доаѓаат на Халкидик да помогнат во потрагата. Тие вчера се собраа на плоштадот во Скопје и одлучија денеска на Халкидик да дојдат шест лица“, се вели во објавата на „Фејсбук“.

Како што истакнуваат луѓе од семејството на Мартин за Voria.gr, има многу што пројавиле интерес да ѝ помогнат на истрагата со своето физичко присуство.

Конкретно, како што наведуваат, на Халкидик се очекува пристигнување луѓе со дронови, двогледи и друга опрема за лоцирање на исчезнатите, а организаторите бараат луѓе што го познаваат грчкиот јазик за да имаат најдобра можна комуникација со локалните волонтери.

Како што веќе беше познато, братот на Мартин, кој од САД пристигна на Халкидик, како и неговиот пријател Иван, отвори банкарска сметка, чии пари ќе помогнат во потрагата.

На местото на настанот е мајката на Мартин, чија психичка состојба, разбирливо, е многу тешка.

Христос Рамос, кој ја води потрагата по 31-годишникот, цитирајќи ги зборовите на брат му, побара од нив да се подготват за голема операција нагласувајќи дека ќе направи сè што е потребно за да го лоцира Мартин.

Како што посочува, денеска во тек е голема потрага со три пловила, авиони и дронови од брегот.

Треба да знаете
Последни објави