Надал: Не знам дали ќе се вратам, вака не може понатаму, никогаш повеќе ваков ризик

Следната недела би можела да биде клучна за одлуката на Рафаел Надал дали да продолжи со кариерата или не. На прес-конференцијата по освојувањето на 14. Ролан Гарос и 22. Грен слем, Шпанецот повтори дека сака да продолжи да игра, не го ни откажал настапот на Вимблдон, но истакна дека неговото здравје е пред тенисот и дека никогаш нема да игра под инјекции кои ги примал во последните две недели.

– Од почит кон ривалите, не сакав да зборувам за стапалото за време на турнирот, но сега ќе кажам сè, започна Надал и продолжи:

– Очигледно е дека во овие услови во кои сега играм повеќе не можам да продолжам. Ќе се обидеме да најдеме решение за проблемот што ме доведе овде до екстремна ситуација. Добив инјекции за анестезија директно во два нерва, кои ми ја заспиваа ногата. Докторот успеа да ме натера да не ја чувствувам ногата. Но, покрај тоа што го отстранува чувството на болка, овој третман создава и голем ризик бидејќи лесно можете да го искривите глуждот без да го почувствувате, рече Шпанецот.

Надал објаснува дека Ролан Гарос е единствениот турнир на кој бил подготвен на радикален чекор.

– Сакав да си дадам шанса, тоа беше единствениот начин на кој можев да играм. И не можам да му бидам доволно благодарен на докторот, не само за тоа туку и за се што направи во мојата кариера. Но  не можам повеќе да се натпреварувам вака. Разговаравме за опциите и се обидовме да планираме третман кој трајно ќе ја отстрани болката. Тоа планираме да го направиме следната недела. Тешко ми е да објаснам на англиски што точно е процедурата, но треба да ги изгори нервите и да создаде долгорочен ефект што ќе ми овозможи да играм, рече Надал.

Ако тоа успее, вели дека ќе ја продолжи кариерата. Ако не…

– Тогаш тоа ќе биде друга приказна и ќе се прашувам дали сум подготвен да направам некоја драстична работа, а тоа е операција. Бидејќи закрепнувањето би траело многу долго. Инјекциите направија прекрасна работа, ми помогнаа да го освојам трофејот, но не сакам повеќе да го преземам тој ризик. Мојата тениска кариера отсекогаш била приоритет, но никогаш не била пред мојата среќа и секојдневие. Ако не се чувствувам среќен, ќе правам други работи, рече Надал.

Треба да знаете
Последни објави