МЗТ по продолжение поразен во Битола, 1-1 во финалната серија

Пелистер изедначи на 1-1 во финалната серија против МЗТ Скопје откако во натпреварот во „Боро Чурлевски“ славеше со 82-79 по дополнителни пет минути. Во неизвесниот натпревар гостите од Скопје имаа три шанси за победа и една за изедначување, но откако не успеаја да постигнат поени следеше големо славје на „зелено-белите“ со домашната публика.

Одбрaната беше во прв план на отварањето на натпреварот. Пелистер го заштити рекетот, МЗТ Скопје го натера домаќинот на долги напади од тешки позиции па двоцифрената граница беше премината во 6. минута. А, први иницијатива ја превземаа домаќините кои со серијата на тројки на Младеновиќ и Малешевиќ поведоа со 15-8. Тајм-аутот на Петровиќ ги консолидира редовите на гостите кои благодарение на Војдан Стојановски брзо ја анулираа негативата, но не успеаја да го задржат ритамот до самиот крај, а тоа го искористи Крстајиќ за предност од 20-15 по десет минути игра. Лошата реализација на МЗТ Скопје продолжи да биде фактор на натпреварот. Аеродромци и покрај тоа што стигнаа до отворени обиди, истите не ги реализираа, а и Пелистер најде одбрана за “пик” играта, притоа успеваше да ја пробие рекетот на спротивната страна па поведе 31-23. Гостите не дозволија двоцифрена негатива, напротив успеаја да го најдат напаѓачкиот ритам и да стигнат до лесни поени, но и покрај тоа што во еден момент заостатокот беше само еден напад (34-31), лошата реализација на слободните фрлања не дозволи дополнително приближување, а завршницата на првото полувреме им припадна на битолчани за 39-31.

МЗТ Скопје одговори со одлична игра во одбрaната на отварањето на второто полувреме во кое ги лимитираше бековите и го примора противникот на обиди од неизградени позиции, а го наметна и своето темпо во нападот, ја крена реализација па поведе со 44-47 и ја врати резултатската неизвесност. Истата остана на паркетот и до крајот на третата четвртина (51-51), а Пелистер беше тој кој го ги искористи пропустите на противникот за водство од 57-51 во воведот на последните десет минути. Тешко стекнатата предност „зелено-белите“ ја одржуваа благодарение на одличната игра во одбраната каде навремено ротираа па во еден момент имаа и +7 (65-58), но агресивната одбрана на аеродромци вроди плод па „сино-белите“ не дозволија поени во следните три и пол минути за изедначување (65-65) и неизвесна завршница.

Во неа Бобан Стајиќ со тројка донесе нова предност, а и украде топка на спротивната страна па аситираше за 70-65, но гостите одговорија преку Војдан Стојановски и Ајви за ново изедначување (70-70) на 40. секунди пред крајот. Малешевиќ промаши зицер за го донесе својот тим на чекор до победа, но битолчани имаа среќа бидејќи МЗТ Скопје имаше два обида за победа, но Ајви и Милошевиќ не ги реализираа истите па натпреварот продолжи во дополнителни пет минути. Истите ги одбележа игра „кош за кош“, а на 22 секунди пред крајот на мечот при резултат 79-79 нападот му припадна на Пелситер, но гостите се одлучија за „пенал завршница“. Малешевиќ беше сигурен од линијата за 81-79, а последниот напад им припадна на гостите. Истиот не го реализираше Војдан Стојановски, не погоди ни Милошевиќ по офанзивниот скок за големо славје на домаќините.

Со 20 поени и 13 скока лидер на Пелистер беше Малешевиќ, а него го следеше Кесар со 15 поени и 6 скока. 14 поени и 8 асистенции додаде Стајиќ, додека како двоцифрен со 11 поени и 7 скока мечот го заврши Ѓуроски. Војдан Стојановски беше прво име кај МЗТ Скопје со 16 поени, 14 поени и 5 скока додаде Ајви, 11 поени и 5 скока забележа Рикиќ, а како двоцифрени со по 10 поени мечот го завршија Дамјан Стојановски и Милошевиќ.

Треба да знаете
Последни објави