Канадските фудбалери се пласираа на СП по 36 години, а штрајкуваат

Репрезентацијата на Канада по пауза од 36 години обезбеди место на завршница на Светско првенство, но фудбалерите на оваа земја не се задоволни. Во пресрет на подготвителниот меч против Панама, репрезентативците одбија да тренираат во знак на револт поради неисплатените премии кои требаше да ги добијат за пласман на Мундијалот во Катар.

Фудбалерите веќе неколку месеци чекаат да дознаат колкава ќе им биде премијата што успеаа да се пласираат на планетарниот собир, а челниците од Федерацијата засега молчат.

Првично на фудбалерите им било понудено да поделат 10 отсто од 10 милиони долари кои ги добија за пласманот на СП, но играчите сметаат дека оваа сума е премала и бараат 40 отсто од сумата да биде поделена на 33 фудбалери кои беа дел од националниот состав.

Фудбалерите барале и повеќе влезници за нивните семејства, за мечевите на Мундијалот во Катар. Од Федерацијата им се обезбедени само по две влезници за секој фудбалер.

Засега договор нема, па нема ни тренинг на националниот тим.

Треба да знаете
Последни објави