Грузија ја растури Бугарија среде Разград со „петарда“

Тоа што Македонија не успеа во Разград да ја победи Бугарија и најмалку да ѝ даде три парчиња, Грузија вечерва го напочни источниот сосед до врв, па епски резил доживеаа Бугарите со поразот со 2-5 во второто коло од нашата група 4 во Ц-дивизијата во Лигата на нации.

Грузијците им се истурија на Бугарите и ја казнија брутално секоја грешка на домаќините, за да им нанесат срамен пораз на источните соседи, а истовремено и да ни најават дека се сериозна селекција која има извонреден старт со девет дадени гола и две победи пред дербито во четврток на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје од 20.45 часот.

Четата на Вили Саљол уште по само четири минути игра во Разград ја најави победата со погодокот на Давиташвили, во 11-та ВАР ги спаси Бугарите од втор гол, ама Христов во 31-та си даде автогол за дуплирање на водството. И кога Атанас Илиев пет минути во вториот дел погоди за намалување на водството за да им даде надеж дека може да останат непоразени, на Бугарите им се случи тотален потоп. Две минути по тој гол, Зивзивадзе погоди третпат во домашната мрежа, првата ѕвезда Кваратскелија реализира пенал шест минути потоа, а Вако во 70-та го даде петтиот гол за епски резил на источниот сосед.

Во самиот финишот Илијан Стефанов погоди вторпат за Бугарија колку да го ублажи тешкиот пораз за својата селекција, а Бугарите можеа да примат и шести гол, но Квеквескири промаши пенал (погоди дирек). Бугарија амбициозно влезе во овој циклус да биде прва, а веќе по 180 минути скоро да ги загуби шансите за првото место.

Македонија денеска го победи Гибралтар со 2-0 во првиот меч од ова второ коло, па сега Грузија со максимални девет бода доаѓа во Скопје и гол-разлика 9-2, Македонија е втора со четири бода, Бугарија остана на бод, а Гибралтар е без бодови.

Треба да знаете
Последни објави