Search

„Кралевите имаат девет животи“: Реал со нов пресврт против Сити за финале на ЛШ

Реал Мадрид и Манчестер Сити режираа уште еден фудбалски спектакл. По оној меч со седум гола во Манчестер, во Мадрид следеше неверојатен кам-бек на „кралскиот клуб“ вреден елиминација на англискиот премиерлигаш од Лигата на шампионите (2-1 регуларен дел, 3-1 продолженија).

Се беше близу до англиско финале, меѓутоа Реал Мадрид не би бил Реал Мадрид ако предвреме застане. Цел натпревар шпанскиот првак немаше шут во голот на ривалот, Сити ја држеше предноста, ама два неверојатни гола на Родриго во 120 секунди го испратија мечот во продолженија во кои дилемите ги реши најдобриот играч на Реал Мадрид, Карим Бензема. Во мечот за титула мадридистите ќе играат со Ливерпул кој претходно го елиминираа Виљареал.

Дуелот на „Сантијаго Бернабеу“ стартува со мал инцидент. Уште во деветтата минута се судрија Лапорт и Модриќ, си разменија и по некој удар, па судијата Орсато не остана имун на тоа и на двајцата им подели жолти картони. Реал делуваше инфериорно, а Сити беше тимот кој притискаше. Екипата на Пеп Гвардиола во воведните 45 минути имаше две убави шанси за гол, меѓутоа Тибо Куртоа беше на висината на задачата.

На самиот старт на вториот дел, Реал Мадрид не реализира зицер. По една нафрлена топка Винициус се најде во прекрасна можност да ја стресе мрежата на „граѓаните“, но шутираше крај дирекот. Потоа и Карим Бензема беше краток по еден центаршут да ја зафати топката со глава. За двете големи промашувања казната пристигна во 73. минута кога стрела Ријад Марез и го испрати премиерлигашот во мечот за титула. Во финишот избраниците на Пеп Гвардиола имаа шанса за нови голови, ама Грилиш двапати не реализираше – прво Менди спаси од гол линија, потоа на сцена стапи и Куртоа.

Кога сите очекуваа крај, следеше неверојатен момент. Реал Мадрид преку првите шутеви во рамки на голот ги казни промашувањата на Грилиш во претходните акции и дојде до епски, незапаметен пресврт на резултатот. Херој и спасител на „Кралскиот клуб“ беше Родриго, кој двапати го матира сонародникот Едерсон. Двата гола офанзивецот ги постигна во 120 секунди, во 90. и 91. минута, за комплетен шок на гостите, ја анулира негативата од гостувањето во Англија и мечот замина во продолженија.

Уште во воведните минути од екстра-времето падна погодокот вреден победа за домашниот тим. Во 93. минута Рубен Диаз беше невнимателен и го фаулира Бензема во шеснаесетникот. Орсато досуди пенал со помош на ВАР, а очекувано Французинот ја презеде одговорноста и со погодокот против Сити стана трет најефикасен стрелец во историјата на ЛШ. Сити имаше една сериозна шанса во 105 минута, ама Куртоа ја спаси шансата на Фоден.

За Реал Мадрид ова е седумнаесетто финале во историјата во кое ќе ја лови 14-тата титула во најпрестижното натпреварување. Ливерпул го игра десеттото финале. Мечот за тронот во Лигата на шампионите кое ќе се игра на „Стад де Франс“ во Сен-Денис во Франција на 28 мај.

Треба да знаете
Последни објави