Search

Абрамович не барал да му се врати заемот од 1,6 милијарда фунти кон Челси

Портпаролот на рускиот милијардер Роман Абрамович преку официјалната веб-страница на Челси ги демантира вестите во англиските медиуми дека барал да му се врати долгот од 1,6 милијарда фунти, кој го има клубот кон него како дел од зделката за продажбата на клубот.

Абрамович е под санкции на британската влада, која не му дозволува да добие какви било средства од продажбата на актуелниот европски шампион, и при објавата дека го продава клубот на 2 март инсистира дека нема да бара враќање на долгот, а средствата ќе се уплатат во добротворна организација за жртвите од војната во Украина.

„Прво, ставот на господинот Абрамович за приходите од продажбата на Челси и нивното пренасочување во добротворна организација не се сменети. Од првичната објава тимот на Абрамович контактира со претставници на Обединетите нации и големите добротворни организации кои се задолжени со формирање фондација. Абрамович не е вклучен во работата, која ќе ја водат експерти со многу години искуство во добротворни организациии. Второ, господинот Абрамович не побарал никакво враќање на заемот кон клубот, ниту ја сменил цената на клубот во последен момент“, се вели во објавата на Челси.

Конзорциумот предводен од газдата на Лос Анџелес доџерс, Американецот Тод Бели, останува фаворит за купување на клубот и покрај последната понуда на британскиот милијардер сер Џим Ретклиф.

Треба да знаете
Последни објави