Search

Пахор кој важи за најдобар познаник на Путин: „Ја изгубив сета верба во неговиот разум“

Словенечкиот претседател Борут Пахор го познава Путин подобро од кој било друг шеф на европска држава, пишуваат медиумите во регионот.

Според нив, на прашањето колку сериозно мора да се сфатат зборовите на Путин, Пахор изјавил дека зборовите на Путин „за жал мора да се сфатат многу сериозно“. Тој кажал дека ако ова прашање му било поставено во февруари, одговорот ќе бил поинаков, а откако Путин решил да ја нападне Украина, Пахор во интервју за „Шпигел“ изјавил дека изгубил секаква верба во неговиот разум.

Пахор повеќе не ја исклучува можноста Русија да употреби нуклеарно оружје и смета дека „таков чекор би бил целосно ирационален“. Тој исто така забележува дека нема апсолутно никаква доверба во руското раководство и тоа како што рекол е навистина застрашувачко по три децении обид за подобрување на односите со Русија.

Пахор изјавил дека сега од клучно значење е Европејците да бидат обединети и да направат се за да ја поддржат Украина во нејзината борба.

„Тешко беше да се замисли дека Русија може да ја нападне Украина. Јас лично инвестирав многу во односите меѓу Љубљана и Москва. Знаев дека Путин се држи до старомодните визии за Русија како голема сила. Не ни знаев дека тој би употребил брутална воена сила за да ја спроведе таа визија“, изјавил Пахор за Шпигел.

Пахор смета дека Европа направила доволно на полето на поддршката за оваа земја по нападот на Украина и дека „Путин е прилично изненаден од решителноста и единството на Европејците“.

Зборувајќи за бојкотот на руската нафта и гас, претседателот на Словенија вели „Нему му е совршено јасно дека мора да станеме независни од руските суровини и дека ни требаат нови добавувачи. Меѓутоа, на краток рок, целосниот бојкот е многу тежок. Поделбата во ЕУ би била најлошото нешто што може да се случи“, изјавил Пахор, предупредувајќи дека „ако Путин види пукнатини во ЕУ, ќе работи на нивно продлабочување. Како ЕУ, не можеме да си дозволиме да користиме различни стратегии кон Москва“, додал тој.

Во интервјуто за магазинот „Шпигел“, Пахор предупредил дека руската армија не треба да се потценува.

„Русија е Русија. И таа е подготвена да направи големи жртви за да ги постигне своите цели“.

Запрашан од „Шпигел“ колку е опасен Путин во ширењето на војната надвор од Украина, Пахор кажал:

„Постои голем страв од напади во Молдавија. Тоа може да влијае и на Грузија, индиректно и на Западен Балкан. Од одговорните во регионот зависи да направат се за да се зачува мирот и стабилноста. Затоа што никој не знае како ќе се развива оваа криза”, истакнал тој.

Треба да знаете
Последни објави