Search

Марио Драги повика на забрзување на европската интеграција за соочување со кризите

За време на дебатата „Ова е Европа”, европратениците го поддржаа повикот на италијанскиот премиер за реформи во ЕУ за да се обезбеди одржлив економски раст и транзиција, јави дописникот на МИА.

– ЕУ се соочува со нов дефинирачки момент, рече претседателката на ЕП Роберта Мецола, претставувајќи го италијанскиот премиер Марио Драги на пленарната седница. Таа додаде дека Драги, кога беше претседател на Европската централна банка, веќе ја извлекол ЕУ од криза.

„Секако можеме да веруваме во вашето искуство бидејќи ЕУ повторно се соочува со егзистенцијална криза, рече таа.

За војната во Украина, Мецола нагласи: -Координацијата, солидарноста и единството што ЕУ ги покажа за време на оваа војна мора да остане модел за нашите идни акции. За иднината на ЕУ, таа тврди дека ниту еден од предлозите направени во рамките на Конференцијата за иднината на Европа не треба да се сметаат за ирелевантни.

„Ако не направиме нешто сега, тогаш кога?”, заклучи таа.

Италијанскиот премиер Драги рече дека збирот на актуелните кризи во Европа, со војната во Украина, зголемувањето на цените на енергијата и приливот на бегалци „не принудуваат да го забрзаме процесот на интеграција. Мораме да им покажеме на граѓаните на Европа дека сме способни да водиме Европа која ги исполнува нејзините вредности, нејзината историја и нејзината улога во светот.”

Тој исто така додаде: -Мораме да го надминеме принципот на „едногласност и да се движи кон одлуки донесени со квалификувано мнозинство, за Европа способна да носи одлуки во разумен рок. Во врска со руската агресија во Украина, тој истакна дека „приоритет е да се склучи прекин на огнот што е можно поскоро. Ние ја сакаме Украина во ЕУ и мора да продолжиме што е можно побрзо”.

Марио Драги, исто така, презентираше предлози за оптимизирање на соработката помеѓу националните одбранбени системи, зајакнување на европското управување со миграцијата, пониски цени на сметките и горивото и поддршка на платите со цел да им се помогне на семејствата.

-Сега е време да се завршат работите. На 9 мај завршува Конференцијата за иднината на Европа и конечната декларација бара од нас да бидеме многу амбициозни, заклучи тој. Реагирајќи на говорот на Драги, европратениците го пофалија лидерството и посветеноста на Италија кон ЕУ, особено за време на пандемијата. Тие подвлекоа дека соработката и солидарноста на ЕУ се потребни повеќе од кога било со оглед на руската војна против Украина и другите кризи со кои се соочува Европа, било да се климатските промени или помошта за бегалците. Европратениците ја истакнаа важноста на енергетската транзиција и независноста не само за долгорочниот успех на ЕУ, туку и за помошта на Украина.

По Конференцијата за иднината на Европа, тие ја изразија апсолутната потреба од реформирање на Унијата со цел да се гарантира одржлив економски раст и транзиција. Инаку ова беше втора од серијата дебати за ЕУ наречени „Ова е Европа”, фокусирајќи се на заедничката агенда за иднината на Европа. Првата се одржа за време на мартовската пленарна сесија со естонската премиерка Каја Калас.

Треба да знаете
Последни објави