Search

Игор Вори се врати од пензија и потпиша за бундеслигаш

Легендарниот хрватски пикер Игор Вори на 41 година ја прекина ракометната пензија и потпиша за германскиот бундеслигаш Фуксе. Вори кариерата ја заврши во 2019 година како член на ППД Загреб, но одлучи по три години повторно да се врати на терените.

Спортскиот директор на Фуксе, Штефан Кречмар итно мораше да пронајде решение на пикерската позиција откако се повреди Јохан Кох, го повика Вори кој се согласи да му помогне на бундеслигашот и потпиша договор со крајот на сезоната.

Вори неодамна стана селектор на јуниорската репрезентација на Хрватска, а во исто време е и директор на сите машки репрезентации.

Кариерата ја започна во 1997 година во Загреб по што играше во Прато и Конверзано за во 2003 година повторно да се врати во најтрофејниот хрватски тим и да стане еден од најдобрите пикери на светот. Во 2005 година замина во Барселона, но во 2007 година повторно се врати во Загреб.

Во 2009 година прави трансфер во ХСВ со кого триумфира во Лигата на шампионите, а во 2013 година се пресели во ПСЖ. Кариерата ја заврши како ракометар на Загреб.

Со репрезентацијата на Хрватска има освоено злато и бронза на Олимписките игри, злато, две сребра и бронза на Светските првенства и две сребра и една бронза од Европските првенства.

Треба да знаете
Последни објави