Вучиќ: Огромни притисоци врз Србија, немаме причина да ја подигаме борбената готовност

Притисоците врз Србија се огромни и ќе биде многу тешко да се издржат, изјави денеска претседателот Александар Вучиќ, но изрази уверување дека земјата ќе успее да се спротивстави на сите притисоци. Запрашан да го коментира прашањето на хрватската РТЛ, „до кога ќе му биде дозволено на Вучиќ да седи на две столчиња, и во Брисел и во Москва“, Вучиќ повтори дека Србија има само едно, свое столче, но и посочи дека се изложени на големи притисоци, пренесуваат српските медиуми.

„Ние имаме наша фотелја, а притисоците се огромни врз нашата земја и ќе биде многу тешко да ги издржиме, прашање е како и што“, рече Вучиќ.

Тој кажа дека до доцна синоќа разговарал со претставници на повеќе држави и истото ќе го направи и денеска.

„Само толку за големото почитување на независноста и правото на другите земји да одлучуваат самостојно. Колку што можеме, ќе се држиме и ќе се заштитиме, бидејќи имаме една земја. Но, тоа не е едноставно или лесно“, рече Вучиќ, додавајќи дека е благодарен за добрите желби од Хрватска и дека не очекува многу подобро, од, како што рече, големите пријатели во Загреб.

На крајот од своето обраќање пред новинарите, Вучиќ рече дека верува во добрата иднина на Србија и дека ќе може да одолее на сите притисоци.

„Да ја зачуваме националната гордост и достоинство, а притоа да го избегнеме гневот на големите, затоа што тие обично го испуштаат на малите. Ќе гледаме да ја спасиме државата, да ја одбраниме и повторно да си ги чуваме образите неизвалкани“, рече српскиот претседател.

Вучиќ, денеска по повод подигнувањето на борбената готовност на хрватската армија изјави дека нема причина да се подигне борбената готовност на војската на Србија и дека не сака да го направи тоа заради претстава.

„Тоа е нивно право. Нека си ја завршат работата. Немаме причина да ја подигаме борбената готовност. Тоа не го правиме заради шоу“, рече тој.

Треба да знаете
Последни објави