Search

Шефот на Минхенската филхармонија доби отказ поради неговата блискост со Путин

Градоначалникот на Минхен Дитер Рајтер денеска го отпушти директорот на Минхенската филхармонија Валери Гергиев поради неговата блискост со рускиот претседател Владимир Путин и неговото одбивање да се огради од рускиот напад врз Украина.

„Гергиев, и покрај тоа што беше побарано да го стори тоа, не се огради од бруталната агресија што Путин ја спроведува против Украина и особено нашиот град партнер Киев“, рече градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер (Германската Социјалдемократска партија).

Рајтер во петокот му постави ултиматум на познатиот руски диригент, кој е на чело на Минхенската филхармонија од 2015 година, до понеделник да се огради од рускиот напад врз Украина, што Гергиев не го направи.

„Очекував Гергиев да го преиспита и да го ревидира својот многу позитивен став кон претседателот Путин. Но, тој не го стори тоа“, рече Рајтер.

Градоначалникот на третиот по големина град во Германија објасни дека „јасниот сигнал“ на Гергиев е неопходен за оркестарот, публиката, јавноста и градската политика да можат воопшто да ја продолжат соработката.

Од кабинетот на градоначалникот објаснија дека настапот на Гергиев е прекинат веднаш и дека повеќе нема да има концерти под негово раководство. И агенцијата на Герги од Минхен го раскина договорот со рускиот диригент.

Гергиев долго време беше мета на критики за отворената поддршка на политиката на Владимир Путин. Во 2014 година, Гергиев потпиша петиција за одобрување на анексијата на Крим.

Познатиот руски диригент минатиот викенд не ја режираше Виенската филхармонија на концертите во њујоршката Карнеги Хол, откако беше донесена заедничка одлука на двете институции по почетокот на руската инвазија на Украина. Париската филхармонија вчера објави и дека ги откажала концертите на Валери Гергиев „од солидарност со украинскиот народ“.

Миланската Скала го повика маестро Гергиев кон крајот на минатата недела јавно да се заложи за „мирно решение“ на конфликтот, заканувајќи се дека ќе ја прекине соработката во следните два проекти во март.

Валери Гергиев (68) е генерален директор на престижниот театар Марински во Санкт Петербург и еден од најбараните диригенти во светот.

Тој беше во центарот на многу контроверзии во изминатата деценија околу неговото пријателство со Путин, кого го знае од 1992 година и неговата поддршка за рускиот претседател во врска со анексијата на Крим, и неговото учество на концерти во бомбардираните Јужна Осетија и Палмира, каде застана на страната на сириската војска.

Треба да знаете
Последни објави