Search

Пандев избран за делегат во ФФМ од ОФС Струмица

Три месеци пред пензионирањето Горан Пандев веќе доби улога во домашниот фудбал, ќе биде делегат во Собранието на ФФМ претставувајќи го Општинскиот фудбалски сојуз на Струмица.

Пандев на вчерашното годишно Собрание на ОФС Струмица беше предложен од неговиот клуб Академија Пандев, чиј сопственик е. Потоа со гласање неговата номинација беше потврдена.

На собранието на ОФС Струмица присуствуваа 38 од вкупно 47 делегати. Покрај Пандев беа одбрани и Ѓорги Гоцевски за претседател и Ванчо Коцев како трет делегат.

„Горан Пандев беше вклучен преку видео линк и им се заблагодари на делегатите на ОФС Струмица кои едногласно го избраа да биде еден од тројцата делегати на Собранието на ФФМ“, објави Академија Пандев.

Инаку ОФС Струмица е еден од неколкуте општински сојузи кое се во конфликт со ФФМ, барајќи смена на водечките лица. Поради тоа на минатогодишното Собрание на ФФМ не присуствуваа делегати од Струмица.

Со своето искуство и реноме, од Пандев се очекува пред сѐ подобрување на работата на ОФС Струмица, како и конечно активирање на општинската лига. Струмица како фудбалски регион е богат со клубови, но години наназад општинската лига не се играше, иако имаше обиди за реактивација.

Треба да знаете
Последни објави