Search

Ердоган вети поддршка за членство на Косово во НАТО

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција ќе му помогне на Косово да стане членка на НАТО.

Тоа го изјави по средбата во Анкара со претседателката на приштинските институции, Вјоса Османи.

Ердоган потсети дека Турција е втората земја што ја признала самопрогласената независност на Косово и додаде дека, бидејќи во тоа време не и била потребна ничија дозвола, истото ќе го стори и кога Приштина ќе поднесе барање за влез во НАТО, пренесува „Репортерс“.

Тој додаде дека со Османи разговарал и за помошта на Турција да добие признание од земјите кои не го направиле тоа.

„ Како важна земја во НАТО, не гледаме ништо лошо во членството на Косово во алијансата и го поддржуваме овој процес. Ќе преземеме чекори и, како што помогнавме во процесот на признавање, истото ќе го направиме и во процесот за пристап на Косово во НАТО“, рече Ердоган.

Тој исто така рече дека „искрена желба на Турција е процесот на дијалог помеѓу Белград и Приштина да заврши што е можно поскоро со сеопфатен договор кој ќе обезбеди стабилност во регионот“.

Треба да знаете
Последни објави