Search

(Фото)Вардар го доби клучниот дуел со Загреб и го прескокна во ЛШ

Ракометарите на Вардар се изборија за победа од 20:19 против ППД Загреб што го искачи шампионот на Македонија на 5. позиција.

Вардар одработи одлична средба против цврст противник и ги доби последните минути од средбата со мудра игра.

Како што се очекуваше од почетокот на натпреварот се влезе во израмнета игра и тесен резултат.

И двете екипи играа во обид да го контролираат резултатот. Загреб имаше водство при 6:5, но тука десет минути голот на Вардар остана „невидлив“ за гостите така што дојде до менување на контролата на резултатот.

Вардарците во финишот од првиот дел имаа 9:6, но не успеваа да се одржат на плус три бидејќи и гостите успеваа да се вратат во ритам, па намалуваа. При 10:9, Валчак успеа да искористи еден шут за на пауза да се замине со 11:9.

Плус два остана и во 36. минута. Сепак, прво гостите израмнија на 11:11, а потоа Оливие Њокас и Куни Моралес зголемија на 13:11. Тука дојде до мала криза и шест минути без гол при што гостите одново израмнија, сега на 13:13.

Немаше многу простор за голови, па се влезе во период со малку погодоци. Загреб успеа да го преземе водството, но најчесто тоа беше изразено со еден погодок, а Вардар успеваше да израмни.

Се играше цврсто и од двете страни така што немаше ниту многу простор за да се дојде до повеќе погодоци така што мораше да се одработи внимателно и за секоја акција да се работи максимално.

Во 54. минута дојде клучниот момент на средбата. Обрван го побара вториот тајм-аут во обид да ги посоветува своите ракометари и доколку се во можност за да дојдат до плус два со што можеби и ќе го решеа натпреварот.

Сепак, Ристовски одбрани, а брзо беше постигнат гол од Чувара за нерешени 17:17. Во следниот напад гостите погодија во рамките од голот, па Кевин Њокас го врати водството на Вардар за брзо потоа во контра и Ѓукиќ да донесе 19:17.

Обрван мораше да побара нов тајм-аут, но повторно немаше погодок, па Вардар тргна во напад за плус четири. Во моментите кога се закануваше одземање на топката поради пасивен напад Талески биеше за 20:17 на нешто помалку од три минути до крајот на средбата.

Неговиот шут беше од десет метри и Вардар веќе го доби натпреварот. Имаше големи плус три кои требаше со мудра игра да се зачуваат до крајот.

 

Сепак, место мирна завршница се дојде до непотребно коцкање со среќата. При 20:19 Оливие Њокас загуби топка, а Загреб доби десет секунди за напад. Сепак, времето беше потрошено и беше направен прекршок при што Загреб имаше девет метри за крај на средбата.

Вистороп биеше во живиот ѕид, па победата остана за Вардар, а со тоа „црвено-црните“ се искачија на 5. позиција во Групата А од Лигата на шампионите.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави