Search

Радески го реши Работнички, Ѓорѓиев со хет-трик донесе победа за Академија Пандев (ФОТО)

Шкупи после безмалку три години го победи Работнички попладнево со 1-0 во скопското дерби на Националната Арена „Тодор Проески“ за да ја врати предноста од осум бода пред првакот Шкендија по ова 20-то коло во Првата лига.

Поранешниот македонски репрезентативец Марјан Радески беше решавачки за чаирчани да ја запишат втората пролетна победа, откако во 68-та минута успеа да го искористи додавањето на Сандеј Адетунџи и меѓу тројца да успее да го совлада Бурхан Мустафа, за чаирчани да освојат нови три бода во трката за шампионската титула.

Шкупи со многу подобро второ полувреме, во кое Работнички беше тотално инфериорен и надигран, после очајното и слабо прво полувреме без шанси, со бавен фудбал и без идеја како да се нападне. Марко Ѓорѓиевски и Фреди Алварез погодија по еднаш во дирекот, но немаа среќа за многу полесна победа да му овозможат на својот тим.

Зимското бомбастично засилување на Академија Пандев, Пепи Ѓорѓиев даде хет-трик за пола час за да ѝ обезбеди прва пролетна победа на Академија Пандев, која со 5-0 го прегази Скопје во Струмица, а прв гол даде и вториот повратник во македонскиот фудбал од странство, екс-младинскиот репрезентативец Виктор Ангелов во 78-та минута, додека Кристијан Велиновски шест минути пред крајот стави печат на „петардата“.

Пандевци со победата се зацврстија на третото место, со пет бода заостаток зад втората Шкендија, а десет зад лидерот Шкупи, а пет бода пред Македонија ЃП која со гол на Арби Воша уште по 120 секунди од почеток на мечот дојде до многу важен триумф во Тетово кај Ренова со 1-0 за да се зацврсти на четвртата позиција.

Струга Трим Лум и Брегалница ремизираа 1-1 на охридското крајбрежје, каде Милош Босанчиќ на шест минути пред крајот обезбеди бод за стружани, после водството на штипјани по еден час игра преку Мартин Стојанов.

Ако воопшто имаше дилема за испаѓањето на Пелистер веќе станува јасно дека битолчани уште сега се второлигаши, откако клучното дерби за опстанок во Кавадарци го загубија од Тиквеш со 0-1 со гол на Благоја Љамчевски во 89-та минута од мечот, по што Пелистер сега има 13 бода заостаток зад кавадарчани во трката да се спаси сезоната најмалку со баражот за опстанок.

ПРВА ЛИГА, 20 КОЛО

Академија Пандев – Скопје 5-0 (3-0)

Ѓорѓиев 5, 11, 29, Ангелов 78, Велиновски 84

Работнички – Шкупи 0-1 (0-0)

Радески 68

Ренова – Македонија ЃП 0-1 (0-1)

Воша 2

Струга Трим Лум – Брегалница 1-1 (0-1)

Босанчиќ 84 – Стојанов 59

Тиквеш – Пелистер 1-0 (0-0)

Љамчевски 89

ВЧЕРА

Борец – Шкендија 0-3 (0-1)

Маркоски 44, Тимовски 60, Дита 79

ТАБЕЛА: Шкупи 45, Шкендија 40, А. Пандев 35, Ренова 30, Македонија ЃП 30, Врегалница 29, Струга ТЛ 26, Работнички 25, Скопје 21, Тиквеш 15, Борец 13, Пелистер 5

ИДНО КОЛО (26/27 ФЕВРУАРИ): Борец – Струга Трим Лум, Шкендија – А. Пандев, Скопје – Работнички, Шкупи – Тиквеш, Пелистер – Ренова, Македонија ЃП – Брегалница.

Треба да знаете
Последни објави