Search

ОМО Илинден: Не сме сепаратисти, изјавата на Радев е клевета и срамна за сите

Од здружението на Македонците во Бугарија „ОМО Илинден Пирин“ денеска реагираат на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, која како што посочуваат е неодговорна.

„Неговата изјава е лага и клевета и како таква е срамна за сите, а особено за претседателот бидејќи срамот паѓа на сите граѓани. Нашата партија никогаш не пропагирала сепаратистички идеи. Досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не е обвинет, суден или осуден за сепаратистички дејствија. Лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, што доведе до 14 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права“, велат од „ОМО Илинден Пирин“.

Дискриминацијата на Македонците во Бугарија, како што наведуваат, се рефлектирала во секој извештај на меѓународна институција за човекови права во врска со Бугарија во изминатите 18 години, и затоа земјата била ставена под зголемен мониторинг во Комитетот на министри.

„Но, освен лаги и клевети, изјавата на Радев е израз и на ниска политичка култура. Тој ги поврзува малцинските права со сепаратизмот и во нив гледа нешто лошо и неприфатливо. Да го потсетиме дека Бугарија ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и дека Република Бугарија во минатото официјално го призна македонското малцинство, кое оттогаш беше подложено на брутален прогон во комунизмот. А за информација на Радев, бидејќи тој одбива не само да не прими, туку дури и да одговори на нашите барања за средба- се бориме за демократизација и европеизација на Бугарија, за човекови права, за запирање на негирањето на македонското малцинство, запирање на систематската дискриминација, стигматизација, говор на омраза и маргинализација применети против него.“, додаваат од организацијата.

Оттаму порачуваат и дека сакаат да им овозможат на бугарските граѓани со македонска самосвест рамноправно и целосно да учествуваат во јавниот и политичкиот живот во земјата. Нешто што, според „ОМО Илинден Пирин“, во моментов систематски им се ускратува. На крајот заклучуваат дека е срамота Бугарија да ја водат политичари со сличен начин на размислување.

Треба да знаете
Последни објави